Претставувајќи го годишниот извештај на норвешките разузнавачки служби за проценката на ризикот, шефот на Воената разузнавачка служба Нилс Андреас Стенсонес кажа дека на Украина би ѝ била потребна „значителна воена помош“ од Западот за да може да се надева дека ќе ја сврти ситуацијата на фронтот.
„Во оваа војна Русија сега е во посилна позиција отколку пред една година и на пат е да стане надмоќна“, им кажа Сенсонес на новинарите.
Тој кажа дека Русија би можела да мобилизира три пати повеќе војници од Украина, дека Москва подобро се прилагодува на санкциите отколку што се предвидувало и дека нејзината индустрија сега е способна да произведува муниција, борбени возила, дронови и ракети кои им овозможуваат на руските сили да се борат во текот на целата година.
Стенсонен кажа дека Русија има воена помош од Северна Кореја, Иран, Белорусија и Кина која на Москва не ѝ дала оружје, но на руската индустрија за оружје ѝ дала машини, возила, електроника и резервни делови.
„За украинските сили да можат да се бранат и повторно да ја преземат иницијативата во војната би била потребна значителна помош од Западот во вооружување“, кажа тој и ја наведе потребата за муниција, оружје со долг дострел, противвоздушна одбрана, тенкови и борбени авиони.
Норвешка со Данска и Холандија е една од европските земји кои се ангажираа Украина да ја снабдат со ловци Ф-16 кои Киев одамна ги бара од сојузниците.
„Норвешка и Европа треба да бидат спремни да преземат повеќе одговорност за да ја осигураат сопствената безбедност и безбедноста на сојузниците“, кажа норвешкиот министер за одбрана Бјорн Арлид Грам.