„Криминалната група воспоставила сложен и професионален систем за перење пари преку пристаништа и аеродроми во Европската Унија“, објави Европол.
За време на акцијата, која биле спроведена во март, полицијата уапсила пет осомничени во Белгија, еден во Шпанија и запленила различен имот. „Криминалната мрежа функционирала преку вложувања во криптовалути и дистрибуција на кеш преку подземен банкарски систем. Главниот метод на перење на парите било вложување во луксузни недвижнини во ЕУ, како и во неколку марокански градови“, велат инспекторите.
Покрај уапсените лица, запленети се 1,2 милиони евра во криптовалути, одземени се 3 недвижнини, запленети се 50.000 евра кеш, еден луксузен автомобил, повеќе луксузни часовници и накит, 23 телефони, три сефа и бројач на пари.
Истрагата почнала во октомври 2021, по анализа на дешифрирани пораки кои укажале на постоење голема криминална мрежа која увезува кокаин и пере пари. Истрагата открила големи количества кокаин кој се шверцувал од разни јужноамерикански пристаништа во неколку пристаништа и аеродроми во Европа.
„Криминалната група успеала да внесе неколку тони кокаин и да го продаде со голема заработка. Користејќи професионален и флексибилен пристап, вклучувајќи методи како користење прикриени компании, криминалците успевале со месеци да ги избегнуваат властите“, објави Европол.