„Да се дозволат какви било преговори со Русија сега, додека окупаторот е на наша земја, значи замрзнување на војната, замрзнување на сè: болка и страдање“, рече Зеленски на прес-конференција со африканската делегација. „Потребен ни е вистински мир и затоа вистинско повлекување на руската армија од целата наша независна земја.“
Зеленски појасни дека Украина се држи до сопствената мировна иницијатива, заснована на целосно повлекување на Русија, но ги покани африканските лидери да учествуваат на планираниот меѓународен мировен самит. Африканската делегација, во која беа лидерите на Сенегал, Египет, Замбија, Јужноафриканската Република и Коморските Острови, се сретна со Зеленски откако во Киев беа пречекани од руски ракетен оган.
Делегацијата, во која се наоѓаат јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса и сенегалскиот претседател Меки Сал, треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин в сабота во Санкт Петербург. Зеленски изрази неразбирање за нивната одлука.
„Тоа е нивна одлука, јас не разбирам колку е тоа логично“, рече тој на прес-конференцијата. Голем број африкански нации останаа неутрални во однос на украинската војна. Некои имаат добри односи со Русија, но многумина имаат поблиски економски врски со САД и Европа.






