Зеленски во видео обраќање најави дека во Вилнус ќе има билатерални состаноци на различни нивоа, вклучувајќи средби со претставници на европските земји, САД, Канада и Јапонија.
„Приоритетите се апсолутно јасни: противвоздушна одбрана за нашите градови, за сите заедници низ земјата, работиме на создавање небесен штит. Исто така, оружје за линијата на фронтот – за тоа ќе разговараме и во Вилнус. Нормално, ќе разговараме и за други аспекти на заштитата на животите и нашата заедничка безбедност“, кажа тој.
Зеленски изрази уверување дека за украинските војници од Вилнус би можеле да стигнат добри вести за вооружувањето.
На денот на отворањето на самитот, кој сега е незамислив без Украина, ќе биде 503 ден од војната со целосни размери. Ова многу зборува за нашата сила, силата на украинските луѓе, кои пред таквата војна, по толку битки и денови, имаат сила без која веќе е незамисливо да се замисли безбедноста на Европа“, додаде Зеленски.
Украинскиот претседател кажа и дека во Вилнус мора да се потврди дека Украина е де факто членка на западниот воен пакт.
„Поголемиот дел од Алијансата стои цврсто со нас“, кажа Зеленски.
„Кога аплициравме за членство во НАТО, искрено кажавме: де факто, Украина е веќе во Алијансата. Нашето оружје е оружјето на Алијансата. Нашите вредности се оние во кои Алијансата верува. Вилнус сето ова мора да го потврди“, порача Зеленски.
Дводневниот самит на НАТО почнува денес во Вилнус, а главна тема ќе биде одговорот на Алијансата на барањето Украина да стане членка на воениот пакт.






