„По интензивните преговори во изминатите 48 часа, суданската армија и Силите за брза поддршка (ФСР) се согласија на национален прекин на огнот, кој започнува на полноќ на 24 април и е предвидено да трае 72 часа“, вели Блинкен во соопштението.
ФСР потврдува и објавува во соопштение „прекин на огнот со цел отворање хуманитарни коридори и полесно движење на цивилите“. Војската сè уште не го коментирала ова прашање.
Калед Омар Јусеф, портпарол на Силите за слобода и промени, изјави за АФП дека е задоволен од „американското посредување за воспоставување хуманитарно примирје“.
„Тоа ќе доведе до дијалог за формите на конечното примирје“, додаде тој, додека државниот секретар на САД посочи дека соработува со сојузниците и партнерите на Соединетите Американски Држави во врска со формирањето „комисија“ за преговори за траен прекин на непријателствата во Судан.
Овој пат, „во овој момент, САД очекуваат армијата и ФСР целосно и веднаш да го почитуваат прекинот на огнот“, предупреди Блинкен.
Експлозиите, воздушните напади и пукотниците не престануваат во Картум од 15 април, принудувајќи илјадници жители да го напуштат хаотичниот главен град. Оние што не можат да заминат се обидуваат да преживеат без струја и вода, стравувајќи од недостиг од храна и прекини во интернет и телефонските врски.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во конфликтите загинале повеќе од 420 луѓе, а 3.700 се ранети.






