сабота, 20 декември 2025

Товарен брод со илјадници автомобили и понатаму гори, борба со времето за да се избегне еколошка катастрофа (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Движењето на бродот „Фриментл хајвеј“ почнало во раните попладневни часови, речиси пет дена по почетокот на пожарот, објави холандскиот Национален институт за управување со води (Ријксватерштат) во соопштение за јавноста.

Се наведува дека имало „значително помалку чад ова попладне“ на товарниот брод кој плови под панамско знаме. Според податоците на компанијата К лајн која го изнајмила, бродот превезува 3.783 нови автомобили, вклучувајќи 498 електрични возила.

Товарниот брод мора да биде преместен на нова привремена локација – 16 километри северно од островите Ширмониког и Амеланд, поточно 18 километри северно од Тершелинг.

Овие холандски острови се протегаат меѓу Ваденско Море, место од светското наследство на Унеско, со разноликост од повеќе од 10.000 водени и копнени видови, и Северно Море.

Во близина е интервентен брод за нафта, наведуваат властите, кои се надеваат дека ќе успеат да го одвлечат товарниот брод во пристаниште за да се избегне еколошка катастрофа.

„Стабилноста на бродот постојано се надгледува“, инсистира Ријксватерштат кој во петокот објави дека товарниот брод е нечепнат под водената линија.

Траењето на влечењето зависи од „временските услови, развојот на пожарот, струите и плимата“. Операцијата претходно беше проценета на околу 14 часа.

Причината за избивањето на пожарот не е позната, но се смета дека може да биде еден од електричните автомобили.

Еден од 23 члена на екипажот кои се евакуирани починал, а неколку се повредени.

Операцијата за гасење на пожарот беше прекината во четвртокот за да се спречи дестабилизирање на бродот поради количеството вода кое влегувало во него.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ