Билстром на заедничката конференција со неговиот британски колега Џејмс Клеверли рече дека со спроведувањето на новиот закон за тероризам, Шведска го исполнила последниот услов за приклучување кон алијансата, според трилатералниот договор меѓу Хелсинки, Стокхолм и Анкара.
„Во Шведска неодамна стапи во сила нов закон, според кој е нелегално на кој било начин да се учествува во терористичка организација. Со тоа го испочитувавме последниот дел од нашиот договор“, изјави Билстром, пренесе Ројтерс.
Шведска поднесе барање за членство во НАТО по руската инвазија на Украина минатата година, но нејзиното членство сè уште не е ратификувано од Турција и Унгарија.
Велика Британија ќе продолжи да се залага за брзо завршување на приемот на Шведска во НАТО, рече Клеверли.
„Шведска мора и ќе влезе во НАТО и треба да го направи тоа што е можно побрзо“, рече Клеверли.
На новинарско прашање дали Велика Британија разговарала за својот став со Турција, тој одговори дека комуницирал со турскиот колега и го разјаснил британскиот став.
„Во интерес на Турција е Шведска да стане членка на алијансата и тоа да го направи брзо“, додаде тој.






