вторник, 9 декември 2025

Шведска покрена истрага поради високите цени во продавниците: „Нѐ загрижуваат маржите“

Објавено на

часот

Сподели

Во вторник, регулаторот ќе ги објави прелиминарните наоди од истрагата за цените на храната и конкуренцијата што Министерството за финансии ги побара во март.

„Забележуваме одредени причини за загриженост во развојот на маржите во трговијата на мало и големо“, изјави за Ројтерс Мартин Мандорф, раководител на единицата за злоупотреба на пазарот во регулаторната агенција.

„Очекуваме развојот на маржите да биде поврзан со зголемување на трошоците, инаку би можеле да бидеме прилично загрижени“, рече Мандорф, веднаш додавајќи дека е тешко да се изолираат факторите на трошоците, како што се цените на енергијата и војната во Украина, од конкурентниот пејзаж.

Агенцијата го истражува целиот синџир на снабдување со храна, од производители и трговци на големо до малопродажниот сектор, и собира податоци од водечките супермаркети во Шведска за цените и маржите.

Се подготвува да побара дополнителни информации, а ажурираните наоди ќе бидат објавени до крајот на годинава.

Во шведскиот прехранбен сектор доминираат три големи компании, што е доказ за „олигопол“, рече Мандорф.

Прехранбениот синџир ИЦА имаше пазарен удел од 53 проценти во 2022 година, според податоците од регулаторот, а остатокот речиси целосно го покриваат Аксфуд и Куп. Германски Лидл влезе на шведскиот пазар во 2018 година, а во 2022 година имаше само 5,7 отсто од пазарниот удел.

До неодамна високите цени го зголемија притисокот на конкуренцијата, а дисконтите земаат дел од пазарот од водечките играчи.

Во почетокот на годината министерката за финансии Елизабет Свантесон повика на разговор три големи синџири супермаркети, барајќи објаснување за високите цени. По средбата супермаркетите привремено ги намалија цените на некои производи.

Аксфуд соопшти дека ја поздравува истрагата на агенцијата.

„Често и конструктивно разговараме со шведскиот регулатор на конкуренцијата и ги чекаме заклучоците од истрагата“, велат од компанијата.

ИЦА нагласи дека сопствениците на нејзините 13.000 продавници се независни трговци што се натпреваруваат меѓу себе. Цените се дефинирани на ниво на продавница, објаснуваат оттаму и додаваат дека се намалени цените на секојдневните производи и дека се работи и на долгорочни намалувања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ