Речиси 80 отсто од оние што гласале на националниот референдум го поддржаа зголемувањето на данокот за бизнисите во земјата на 15 отсто, од сегашната просечна минимална стапка од 11 отсто, додека Законот за климата беше поддржан од 59 отсто од гласачите, објави Ројтерс.
Во 2021 година Швајцарија беше меѓу речиси 140-те земји што потпишаа договор од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за утврдување на минималната даночна стапка за големите компании, што треба да ја ограничи практиката на префрлање на добивката во земји со ниски даночни стапки.
Дури и со ова зголемување, Швајцарија ќе има една од најниските стапки на корпоративни даноци во светот, а новиот закон, кој се проценува дека на државата ќе ѝ донесе дополнителни приходи од две и пол милијарди франци годишно, е поддржан од деловни групи, повеќето политички партии и јавноста.
Законот за климата, кој беше вратен во изменета форма, откако беше отфрлен во 2021 година како прескап, во последниве недели предизвика многу повеќе дебата со оние што се против неговото усвојување.
Поддржувачите на законот велат дека тоа е минимумот што една богата земја треба да го направи за да ја докаже својата посветеност во борбата против климатските промени, додека противниците од десничарската Народна партија тврдат дека тоа ќе ја загрози енергетската безбедност.






