Тој кажа дека полицијата се обидела да сопре комби со шверцувана стока кога било пукано од огнено оружје, на што полицијата соодветно одговорила.
„Нема повредени, полицијата уапси пет лица, додека по едно лице се трага“, кажа Ељшани.
Во меѓувреме на Телеграм се појавија информации дека косовската полиција „пукала на Срби на северот на Косово и грабнала петмина“.
„Комбито во кое се наоѓале Србите е целосно изрешетано, нема информации дали некој е повреден“, се наведува на каналот „Бунтот е состојба на духот“.
Овој, но и други канали на српски јазик се особено активни од избивањето на кризата на северот на Косово на крајот на мај, кога албанските градоначалници со помош на полицијата насилно влегоа во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
На каналот „Патриотизам“ се наведува дека уапсените Срби се обидувале „по алтернативни патишта да ги снабдат трговските објекти на северот на Косово“, и прашуваат дали превозот на „основни животни намирници е причина за пукање или претепување“.
Од друга страна, полицијата на Косово за РСЕ кажа дека се конфискувани три автомобили и едно комби, и дека покрај шверцуваната стока се најдени и наркотици.
Случајот бил окарактеризиран како напад на службено лице, шверц на стока и поседување наркотици.
Ова не е првпат полицијата на Косово во општините на северот, каде живее мнозинско српско население, да наводно заплени шверцувана стока, наркотици или оружје.
Во понеделникот, на 7 август, во Северна Митровица биле најдени лабораторија за дрога, опрема за криптовалути и шок бомби.