Еј-би-си њуз објави дека поранешен вработен во Оушнгејт бил отпуштен бидејќи изразил загриженост за контролата на квалитетот и тестирањето за потенцијални недостатоци на експерименталната подморница.
Дејвид Лохриџ, инженер и капетан на подморницата, во 2018 година во противтужбата против Оушнгејт тврдел дека компанијата го отпуштила затоа што изразил загриженост за дизајнот и тестирањето на трупот.
„Дизајнот не е за длабочина од 4.000 метри“
АФП пишува дека Лохриџ тврдел дека големиот отвор на предниот дел на подморницата бил дизајниран да издржи притисок на длабочина од 1.300 метри, а не на 4.000 метри, колку што е длабочината кон која во неделата се упатила малата научна туристичка подморница со петте патници, кои ги загубија животите во „катастрофална имплозија“.
Експедицијата со Титан ја организираше компанијата Оушнгејт експедишнс, тргнувајќи на своето трето патување до Титаник, кој удри во санта мраз и потона во 1912 година.
Оушнгејт експедишнс со Титан нудеше посета на славниот потонат брод за 250 илјади долари по лице, се наведува на официјалната веб-страница.
Во подморницата беа капетан и уште четворица патници, а американската крајбрежна стража во четвртокот објави дека сите загинале.
Загинаа 58-годишниот британски бизнисмен, авијатичар и вселенски турист Хамиш Хардинг, пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулеман, францускиот океанограф Пол-Анри Наргеолет, експерт за Титаник, како и Стоктон Раш, основачот на Оушнгејт.
„Сега веруваме дека нашиот шеф Стоктон Раш, Шахзада Давуд и неговиот син Сулеман, Хамиш Хардинг и Пол-Анри Наргеолет се за жал мртви“, објави Оушнгејт експедишнс по четиридневната масовна потрага по исчезнатиот брод.
„Полето со остатоци“ пронајдено од роботи во близина на митскиот потонатиот брод, на длабочина од речиси 4.000 метри, сведочи за катастрофална имплозија на подморницата, изјави контраадмиралот на американската крајбрежна стража Џон Маугер на прес-конференција во Бостон.
Титан, долг околу 6,5 метри, нурна во неделата и требаше повторно да изнурне по седум часа, но контактот беше изгубен помалку од два часа по нуркањето. Имаше залихи со кислород за околу 96 часа.
„Полето со остатоци“ во близина на Титаник
„Овие луѓе беа вистински истражувачи, кои споделуваа авантуристички дух и длабока страст за истражување и заштита на океаните“, рече Оушнгејт. „Тажни сме поради загубата на животи“.
Американската крајбрежна стража, која го предводеше меѓународниот тим за пребарување, на Твитер објави дека подводен робот лоцирал „поле со остатоци“ во „областа на потрага во близина на Титаник“.
Тимовите за пребарување и помошниот персонал од САД, Канада, Франција и Велика Британија со денови користеа авиони и бродови за да скенираат илјадници квадратни километри отворено море за каков било знак на подморницата.
Од неговото откривање во 1985 година, потонатиот брод Титаник е посетен од научници, ловци на богатство и богати туристи, овековечувајќи го митот за познатиот крстосувач.
Судбината на туристичката подморница го привлече глобалното внимание делумно поради митологијата околу Титаник.
„Непотопливиот“ британски патнички брод цел век инспирираше и публицистички и фиктивни приказни, вклучувајќи го и филмскиот хит „Титаник“ од 1997 година.






