Навални веќе отслужува деветгодишна затворска казна за прекршување на условниот отпуст, измама и непочитување на судот, но тој и неговите поддржувачи инсистираат дека неговото апсење и затворање во 2021 година било политички мотивирано, потсетува Би-би-си.
Новото судење ќе почне денеска во казнената колонија, 250 километри источно од Москва, каде што Навални ја отслужува затворската казна.
Во новото судење рускиот опозициски лидер се соочува со повеќе обвиненија, вклучително и создавање екстремистичка мрежа и финансирање екстремистички активности, кои би можеле да му ја продолжат казната затвор за најмногу 30 години доколку биде осуден.
47-годишникот долго време беше најистакнатото лице на опозицијата на претседателот Владимир Путин и помина повеќе од една деценија откривајќи ја корупцијата во самиот врв на рускиот политички естаблишмент.
Овој харизматичен активист, вели Би-би-си, се чинеше дека е единствениот опозициски лидер способен да ги мобилизира луѓето низ Русија и да ги води на масовни протести против руските власти.






