сабота, 27 декември 2025

Мохамед VI: Праведно е израелското признавање на суверенитетот на Мароко над Сахара

Објавено на

часот

Сподели

Оваа изјава е дел од пораката што суверенот му ја упати на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

„Би сакал да ја изразам мојата искрена и длабока благодарност за вашето писмо со кое ме информиравте за одлуката на државата Израел да го признае суверенитетот на Кралството Мароко над Сахара и позитивно да се разгледа можноста за отворање на конзулат во градот Дахла“, изјави кралот во својата порака, додавајќи дека оваа одлука „е срдечно добредојдена од страна на мароканскиот народ и нација”.

Суверенот истакна дека мароканското прашање за Сахара е „национална кауза на Кралството и приоритет на нашата надворешна политика“, додавајќи дека „важната израелска одлука е и праведна, и далекувидна“.

„Самата одлука го потврдува законското право, како и непобитните историски права на Мароко над неговите провинции во Сахара“, изјави суверенот, додавајќи дека „јурисдикцијата на мароканската држава и законските врски на верност кои од памтивек постоеле меѓу кралевите на Мароко и мароканското население кое живее на овие територии – кои отсекогаш им биле драги на владетелите на Мароко – се етаблирани и непобитни”.

„Вашата одлука исто така е и далекувидна затоа што е во согласност со неповратната меѓународна динамика со која многу земји, од сите делови на светот, го поддржуваат конечното решение на овој анахрон регионален спор врз основа на мароканската иницијатива за автономија на регионот на Сахара, во рамките на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството“, изјави кралот Мохамед кој додаде дека од декември 2020 година билатералните односи меѓу Мароко и Израел бележат напредок во сите сектори.

„Моментумот што ги карактеризира нашите врски е без преседан, било да е тоа во однос на размената на посети на официјални лица и бизнис заедницата, развојот на билатералната рамка, диверзификацијата на нашата соработка или консолидацијата на трговските односи“, изјави кралот поздравувајќи го фактот дека длабоките човечки врски што постојат меѓу Мароко и Израел преку еврејската заедница од мароканско потекло се главен двигател. Суверенот го изрази своето уверување дека јасната позиција што ја зазема Нетанјаху во име на државата Израел, во врска со мароканската припадност на Сахара „ќе придонесе за поблиски врски меѓу Мароко и Израел“, воедно уверувајќи го во неговата цврста и непоколеблива посветеност. „Како што укажав за време на нашиот телефонски разговор на 25 декември 2020 година, добредојдени сте да го посетите Мароко на заеднички договорен датум, кој ќе се одреди преку дипломатските канали“, изјави кралот во пораката.

Во овој контекст, Суверенот потврди дека оваа средба „ќе отвори нови можности за билатералните односи меѓу Мароко и Израел“ и „ќе претставува можност да се промовираат перспективите за мир за сите народи во регионот, имајќи ја предвид содржината на Трипартитната декларација од 22 декември 2020 година, потпишана од страна на Кралството Мароко, САД и државата Израел, вклучувајќи ги и принципите кои треба да го водат решавањето на израелско-палестинскиот конфликт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ