Претставникот на Кина во Европската Унија навести дека Пекинг може да ја поддржи намерата на Украина да го врати својот територијален интегритет од 1991 година, кој го вклучува Крим – полуостровот анектиран од Русија во 2014 година.
Во неодамнешно интервју за Ал џезира и два други медиуми, кога Фу Конг беше прашан за поддршката на целите на Киев, што вклучува враќање на други украински региони сега окупирани од Русија, високиот кинески дипломат рече: „Не гледам зошто да не.“
„Ние го почитуваме територијалниот интегритет на сите земји. Така, кога Кина воспостави односи со поранешниот Советски Сојуз, тоа е она што го договоривме. Но, како што реков, ова се историски прашања за кои треба да преговараат и да ги решат Русија и Украина и тоа е она за што ние се залагаме“.
Коментарите на кинескиот амбасадор уследија по деловниот самит Европа-Кина во 2023 година во Брисел на 16 јуни.
Во интервју за Њујорк тајмс во април, Фу рече дека Пекинг не ја признал руската анексија на украински територии, вклучувајќи ги Крим и Донбас.
Откако Украина стекна независност од Советскиот Сојуз во 1991 година, Русија го анектираше Крим во 2014 година и ги поддржа сепаратистичките бунтови во делови на Луганск и Доњецк, кои се во регионот Донбас во источна Украина.
Иако Русија го презеде полуостровот и ја прошири својата окупација во Донбас, западните сили не ги признаваат потезите на Москва.
Освен Фу, вели Ал џезира, кинеските лидери генерално се воздржуваат од давање јавни коментари за руската анексија на украинските територии.
Кога во 2014 година се одржа референдумот на Обединетите нации за признавање на анексијата на Крим, Кина се воздржа од гласање, а Лиу Џиеји, претставник на Кина во ОН во тоа време, рече: „Кина секогаш се противеше на интервенции во внатрешните работи на државите и го почитуваше суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји“- став што кинеското Министерство за надворешни работи го повтори во соопштение во април.
Амбасадорот Фу ја бранеше позицијата на Кина за Украина, велејќи дека таа „е многу јасна“.
„Ние се залагаме за мир и веруваме дека е важно што е можно поскоро да се постигне мир со решавање на разликите на преговарачката маса“, рече тој.
Во февруари Пекинг објави предлог од 12 точки со цел да се најде „политичко решение“ за ставање крај на војната. Како дел од овие напори, Кина минатиот месец го испрати амбасадорот Ли Хуи во Киев, Москва и во други европски земји.
Но обновеното партнерство на Пекинг со Москва и неговата позиција за руската војна во Украина доведоа до заладување на врските на Кина со ЕУ.
Минатата недела, додека кинескиот премиер Ли Кианг ја посети Европа за прв пат откако ја презеде функцијата, лидерите на ЕУ го повикаа да биде строг кон Москва.
Балтичките земји и Полска се особено фрустрирани од Кина и поддржуваат воведување санкции против Пекинг и намалување на економската зависност.
Во март, пред патувањето во Кина, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен рече дека блокот треба да се фокусира на „отстранување на ризикот“ со Кина, наместо на „раздвојување“.
Фу за Ал џезира изјави дека иако Кина ги разбира амбициите на ЕУ за еластичен синџир на снабдување, блокот „не треба да ја меша економската безбедност со националната безбедност, што ќе ѝ наштети на слободната трговија“.
„Отстранувањето на ризикот не треба да стане раздвојување под друго име. Неодамнешните случувања во ЕУ околу Хуавеи и ЗТЕ се загрижувачки“, рече Фу, осврнувајќи се на предлогот на Европската комисија претходно овој месец да ги забрани Хуавеи и ЗТЕ од 5Г-мрежите.
„Нема докази дека тие ѝ штетат на сајбер-безбедноста и според нас, овие неосновани обвинувања се против духот на фер-плејот и фер-конкуренцијата, за кои всушност Европа тврди дека е шампион“, додаде Фу.
Покрај забраните, минатата недела, ЕУ ги таргетираше кинеските ентитети што наводно го поддржуваат „рускиот воен и индустриски комплекс во нејзината агресивна војна против Украина“ во единаесеттиот пакет санкции против Москва.
Пред објавувањето нови санкции, Фу рече дека Кина не се обврзала да ги спречи компаниите да ѝ помагаат на Русија, но дека се надева дека преку „дијалог, недоразбирањата би можеле да се решат“.






