Владата на кинескиот лидер Си Џинпинг одржува пријателски врски со Москва, но наведува дека е неутрална во моменталниот конфликт во Украина.
Забраната за извозот ќе стапи на сила утре за да се спречи употреба на дроновите „во воени цели“, соопшти кинеското министерство за трговија.
Ограничувањата ќе се однесуваат на дроновите кои можат да летаат над природната видливост на операторот или да останат во воздух подолго од 30 минути, имаат приклучоци кои можат да фрлаат објекти или тежат над седум килограми, се наведува во соопштението.
„Од почетокот на војната во Украина, некои кинески компании за цивилни беспилотни летала доброволно ги сопреа своите операции во конфликтните области“, соопшти кинеското министерство. Ги обвинија САД и западните медиуми дека шират „лажни информации“ за извозот на кинески дронови.
Кина „сè уште се противи на употребата на цивилни дронови во воени цели“, се додава во соопштението.
Кинеската влада во петокот ги оправда своите односи со Русија како „нормална економска и трговска соработка“ откако во извештај на американските разузнавачки служби беше наведено дека Пекинг обезбедил опрема која се користи во Украина, а која би можела да има воена примена.
Во извештајот се наведуваат податоци од руската царина кои покажуваат дека кинески државни компании испорачуваат дронови, навигациска опрема, делови од борбени авиони и друга стока.






