Олег Тинков, кој успешно ги оспори санкциите на ОК оваа недела, изјави за Фајненшл Тајмс дека руските олигарси ќе бидат „инспирирани да се спротивстават на војната доколку Западот е подготвен да ги укине санкциите“.
„Направена е грешка, сега ја поправија“, рече Тинков. „Но, тоа е добро за нив, бидејќи можат да им покажат на другите руски бизнисмени, кои се обединети околу Путин благодарение на санкциите, дека можете да ја напуштите Русија и да заминете во цивилизираниот свет“.
Тинков е еден од ретките олигарси кој го осуди Путин и од почетокот на војната зборува против Путин и тврди дека земјата тоне во фашизам. Тинков во знак на протест се откажа од руското државјанство.
Антивоените коментари, рече тој, го чинеа пријателството со уште неколку руски милијардери. „Многумина престанаа да зборуваат со мене затоа што се исплашени. Престанав да разговарам со другите затоа што се кукавици“, рече тој.
„Треба да изберат стол и да седнат на него. Седењето на две столчиња како што тоа го правеа во последните 30 години, со куќа во Белгравија и пријателство со Путин, повеќе не функционира“, рече тој.
„Кој вели дека олигарсите нема да останат без сѐ за пет години? Јас лично не верувам дека Русија има иднина се додека Путин е на власт. Сите овие средства само ќе се префрлаат од едно на друго лице. Нема закони, нема судови. Денес победуваш, а утре губиш, тоа е руски рулет“, вели Тинков.






