вторник, 3 февруари 2026

Зошто луѓето плачат

Плачеме кога сме тажни, емоционално преоптоварени, лути или дури и среќни. Сепак, луѓето се единствениот познат вид што пролева емоционални солзи. Иако многу животни, додека се младенчиња, гласно плачат за да сигнализираат дека се вознемирени, се чини дека немаат мозочни патишта што го поттикнуваат лачењето солзи како одговор на сложени чувства.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Научниците разбираат како функционираат солзите, но зошто луѓето плачат и која е вистинската цел на емоционалните солзи сè уште не е целосно разјаснето.

Што се солзите?

„Солзите се состојат од пет компоненти – слуз, електролити, вода, протеини и липиди“, објаснува д-р Мари Бањије-Елауе, истражувачка на Институтот за биологија на човекот во Швајцарија. Секоја од овие компоненти има различна улога, рече таа во емисија на јавниот сервис на Би-би-си. Протеините, на пример, имаат антивирусно и антибактериско дејство, додека електролитите се минерали неопходни за нормално функционирање на организмот.

Постојат три вида солзи. Базални солзи постојано се присутни на површината на окото и служат за негово подмачкување. Рефлексни солзи настануваат кога во окото ќе навлезе надразнувач, како прашина или инсект.

Овие надразнувачи ги регистрираат нервните клетки во рожницата – проѕирниот, куполест надворешен слој на окото што претставува прва линија на одбрана од микроби, нечистотии и туѓи тела.

Рожницата има најголема густина на нервни завршетоци во целото тело. Тие нерви можат да регистрираат температура, механички притисок и сувост. Сигналите потоа се пренесуваат до дел од мозокот наречен горно саливаторно јадро, кое ја контролира продукцијата на солзи и испраќа сигнал до солзните жлезди да го зголемат нивното лачење.

Третиот вид солзи се емоционални солзи, а тука работите стануваат значително посложени. Деловите од мозокот што ги обработуваат емоциите исто така комуницираат со ова јадро, но преку многу посложени патишта отколку кај едноставниот рефлекс.

Плачењето честопати претставува емоционално преоптоварување, а не реакција само на едно чувство, објаснува Ад Вингерхетс, почесен професор по клиничка психологија на Универзитетот Тилбург во Холандија. Емоциите ретко се јавуваат во „чиста“ форма – тие најчесто се мешавина или брза низа од различни чувства.

Причините за плачење се менуваат со возраста. Кај децата физичката болка е силен поттик, додека кај возрасните и постарите лица има помало влијание.

Како што старееме, плачењето сè повеќе се поврзува со емпатијата – плачеме не само поради сопствената болка, туку и поради болката на другите луѓе. Вингерхетс додава дека и позитивни емоции, како доживувањето на убавината во уметноста или природата, исто така можат да предизвикаат солзи.

Која е целта на плачењето?

Многу луѓе пријавуваат дека се чувствуваат подобро по плачењето, но научниците сè уште расправаат дали ова олеснување е вистинско. Лорен Бајлсма, клинички психолог и вонреден професор на Универзитетот во Питсбург, користи сензори за срцев ритам за да утврди дали плачењето всушност помага во регулирањето на емоциите.

Електрокардиограмите ја бележат брзината и ритамот на срцевите отчукувања, што дава увид во работата на нервниот систем. Нејзините прелиминарни резултати покажуваат дека непосредно пред почетокот на плачењето активноста на симпатичкиот нервен систем – одговорен за реакцијата „бори се или бегај“ – достигнува врв.

Штом плачењето започне, расте активноста на парасимпатичкиот нервен систем, кој му помага на телото да се смири и да се опушти.

Сепак, Вингерхетс нагласува дека плачењето не секогаш води до олеснување, особено кај лица што страдаат од депресија или синдром на согорување. Многу зависи и од причината поради која плачеме. Кога плачеме поради ситуации што можеме да ги контролираме, често потоа се чувствуваме подобро, но тоа не е случај кога плачеме поради околности што се надвор од наша контрола.

Голема улога има и реакцијата на околината. Ако луѓето околу нас покажат разбирање и понудат поддршка, чувството на олеснување е поголемо. Спротивно на тоа, ако наидеме на потсмев, лутина или срам, плачењето не носи позитивни ефекти.

Плачењето како социјален сигнал

Постојат докази дека плачењето влијае врз однесувањето на другите луѓе. Едно лабораториско истражување во Израел покажало дека мажите кои вдишувале емоционални солзи на жени биле помалку агресивни на тестовите, во споредба со оние што вдишувале физиолошки раствор.

Истражувачите се согласуваат дека солзите функционираат како силен општествен сигнал што покажува дека ни е потребна помош и ја зголемува подготвеноста на другите да понудат поддршка.

Некои студии сугерираат дека емоционалните солзи можат да ја направат личноста поуверлива во очите на другите, што можеби имало важна улога во еволуцијата на човечката соработка.

Кај бебињата, плачењето може да активира делови од мозокот кај возрасните кои се поврзани со грижа и заштитничко однесување. Вингерхетс смета дека човечките солзи еволуирале токму поради долгиот период на детство, за време на кој сме целосно зависни од родителите.

Постои и претпоставка дека солзите на бебињата можат да ја намалат агресијата кај возрасните, бидејќи гласното плачење е иритантно и потенцијално може да предизвика спротивен ефект – па солзите делуваат како вид самоодбрана на детето.

Зошто некои луѓе плачат повеќе од други?

Мажите во просек плачат од ниту еднаш до еднаш месечно, додека жените плачат четири до пет пати месечно, наведува Бајлсма. Иако дел од овие разлики може да се објаснат со општествените норми и воспитувањето, фактот што тие се присутни во различни култури укажува дека причините не се исклучиво научени.

Жените во просек почесто или поизразено ги покажуваат емоциите, а плачењето е само еден од облиците на тоа изразување. Можно е да постојат и невролошки, хормонски и лични разлики.

Иако нема цврсти докази дека хормонски промени за време на менструалниот циклус директно влијаат врз зачестеноста на плачењето, хормоните веројатно имаат одредена улога, особено за време на бременоста и стареењето.

Истражувањата, исто така, покажаа врска помеѓу плачењето и особините на личноста. Луѓето со поизразен невротизам или екстровертност плачат почесто, а повисокото ниво на емпатија е поврзано и со почести солзи, бидејќи таквите луѓе реагираат посилно на страдањето на другите.

На крајот, се чини дека плачењето пред сè е поврзано со општествената поврзаност.

„Плачењето делува како еден вид извичник“, заклучува Вингерхетс.

„Тоа ни помага да разбереме дека нешто е навистина важно.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ