среда, 7 јануари 2026

Знаете ли колку страни има Кеопсовата пирамида?

Кеопсовата пирамида е најстарото и единственото целосно сочувано чудо на античкиот свет, а титулата за највисока градба во светот ја изгубила дури кон крајот на средниот век.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Кеопсовата, или – како што уште се нарекува – Големата пирамида во Гиза, илјадници години ги фасцинира научниците, историчарите и патниците од целиот свет. Иако често се смета за симбол на совршена геометрија, едно наизглед едноставно прашање ќе збуни многумина. Дали знаете колку страни всушност има најголемата египетска пирамида? Не, четири не е точен одговор.

Имено, секоја страна на пирамидата е благо вдлабната по средината. Тоа не се забележува од земја (освен под многу специфично осветлување), но од воздух е прилично очигледно. Поради таа едвај забележлива конкавност, секоја од четирите страни всушност е поделена на две – што значи дека Големата пирамида има осум страни, а не четири.

Токму ова го објаснил и јапонскиот научник Акио Като од Универзитетот Канагавa во труд од 2023 година: „Големата пирамида во Гиза не е стандардна квадратна пирамида, туку конкавна осмострана пирамида. Оваа конкавност е премногу суптилна за да се забележи од земја, но јасно е видлива од воздух.“

Античко чудо

Научниците сметаат дека оваа необична конструкција не била естетски хир, туку инженерско решение. Благo вовлечените страни, заедно со наклонетите слоеви од камени блокови и зајакнатата основа, ја зголемиле стабилноста на градбата и создале структура која доста успешно, во текот на четири и пол илјади години, се справувала со гравитација, земјотреси и силни бури.

Кеопсовата пирамида е најстарото и единственото целосно сочувано чудо на античкиот свет. Првично била висока 146,5 метри, а денес достигнува 138,8 метри. Титулата за највисока градба во светот ја изгубила дури кон крајот на средниот век.

Прв ја измерил грчкиот филозоф Талес од Милет во 6 век пред нашата ера, наводно со помош на сенка, со што ги поставил темелите на геометриските односи и практичната примена на математиката. Пирамидата и денеска не престанува да ги окупира научниците, математичарите, градежниците и геодетите, како и културолозите, астрономите и, секако, историчарите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ