вторник, 5 август 2025

Животните реагираат на тајниот звук на растенијата: Дали постои невидлив екосистем меѓу нив?

Животните реагираат на звуците што ги создаваат растенијата, покажа ново истражување од Универзитетот во Тел Авив. Тоа укажува на можно постоење на досега непознат екосистем меѓу нив, пренесува Би-би-си.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Во студија објавена во списанието иЛајф, израелските научници откриле дека женските молци избегнуваат да положуваат јајца на растенијата од домати кои емитуваат ултразвучни сигнали поврзани со стрес кај растенијата, како што е дехидрацијата.

Овие звуци се нечујни за луѓето, но ги детектираат многу животни, вклучувајќи инсекти, лилјаци и некои цицачи.

„Ова е прв доказ дека животните можат да реагираат на звуците произведени од растенијата. Ова отвора можност дека многу видови користат растителни звуци за да донесуваат одлуки – дали да опрашуваат растение, да се засолнат во него или да го избегнат“, изјави професорот Јоси Јовел, коавтор на студијата.

Тимот беше првиот што пред две години покажа дека растенијата „врескаат“ кога се под стрес или болни. Сега експериментите покажаа дека молците свесно ги избегнувале растенијата под стрес врз основа на звучни знаци, а не на визуелни знаци.

Авторите на истражувањето нагласуваат дека растенијата не се свесни суштества – звуците се предизвикани од физички промени кај растенијата предизвикани од стрес, како што е пукањето на клеточните ѕидови. Сепак, оваа акустична информација може да ја користат и други организми.

„Се поставува прашањето дали и другите растенија реагираат на овие звуци, што би укажало на форма на комуникација меѓу растенијата“, изјави професорката Лила Хадани, исто така од Универзитетот во Тел Авив.

Таа наведува дека таквата комуникација би можела да им овозможи на растенијата да го прилагодат однесувањето во стресни услови, како што е зачувување на водата за време на суша. Научниците сега планираат понатамошни истражувања за да испитаат кои растенија испуштаат какви видови звуци, кои животни ги препознаваат и во кои контексти.

„Ова е огромен, неистражен простор – цел свет што сè уште не сме го откриле“, рече Јовел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ