Истражувањето предводено од канадскиот Универзитет во Ватерло ги доведува во прашање традиционалните разбирања во воздухопловството и сугерира дека жените пилоти може да имаат специфични предности што би можеле подобро да се препознаат во системите за обука и оценување.
Наодите од студијата бараат преиспитување на начинот на кој се оценуваат пилотите. Не можеме да претпоставиме дека двајца пилоти ќе реагираат на ист начин затоа што гледаат на истите работи, велат истражувачите. Студијата покажува дека жените можеби се подобри во одржувањето на контролата и донесувањето одлуки во стресни сценарија.
Исто така, беше откриено дека – иако машките и женските пилоти имаат речиси исти обрасци на визуелно внимание и искуство во летање – жените имаат тенденција да прават помалку грешки во контролата на летот кога нивото на стрес се зголемува.
Тоа значи дека жените, иако двата пола обрнувале внимание на истите информации за време на летот, биле поконзистентни и попрецизни во начинот на кој реагирале на тоа. Овие резултати ја истакнуваат важноста на гледањето подалеку од површните индикатори како што е визуелниот фокус при мерењето на перформансите на пилотите.
Истражувачите користеле висококвалитетен симулатор за летање за да проучат 20 искусни пилоти од општа авијација – 10 жени и 10 мажи – додека летале низ серија типични и итни ситуации. За време на секое сценарио, тие снимале каде гледале пилотите и како реагирале.
Сите пилоти носеа очила за следење на очите и извршуваа стандардизирани задачи во летот што вклучуваа неочекувани дефекти на моторот и проблеми со слетувањето, дизајнирани да ги тестираат нивните реакции под притисок. Така, беа собрани податоци за визуелното внимание и прецизноста на перформансите.
„Разбирањето како функционираат различни луѓе под притисок ни помага да создадеме подобри програми за обука за секого, побезбедни кабини и поинклузивни воздухопловни системи“, велат истражувачите. „Во време кога индустријата се соочува со недостиг на пилоти, искористувањето на целосниот потенцијал на сите пилоти, без оглед на полот, е поважно од кога било.“
Наодите од студијата треба да помогнат во обликувањето на идните стандарди за обука и евалуација на пилоти преку препознавање на поширок спектар на силни страни и способности.






