Дали знаете дека Јапонија се смета за најснежна земја во светот? Според некои статистики од Акјуведер, три јапонски градови со повеќе од 100.000 жители ја предводат листата на најснежни места во светот, далеку пред Канада, Русија, Норвешка и други традиционални снежни дестинации.
Аомори во Јапонија се смета за град со најмногу снежни врнежи во светот – во главниот град на префектурата Аомори, на најголемиот јапонски остров, секоја година во просек паѓаат 7,9 метри снег.
Дебела снежна покривка ги покрива улиците во градот од ноември до април секоја година – тротоарите се затрупани со високи наноси од снег и мраз, кои стануваат сè повисоки како што минуваат машините за да го расчистат патот.
Сапоро, исто така, се соочува со обилни снежни врнежи секоја година. Најголемиот град на островот Хокаидо добива просечно 4,85 метри снег, па затоа не е изненадување што е домаќин на познатиот зимски фестивал Јуки Мацури, на кој се претставени монументални скулптури направени од снег и мраз.
Многу снег паѓа и во Тојама на брегот на Јапонското Море – во просек 3,6 метри годишно.
Метеоролозите истакнуваат дека Јапонија добива многу снег поради единствената комбинација од нејзината специфична клима, море и планини. Студениот воздух од Сибир се движи кон исток во текот на зимата и го преминува Јапонското Море.
Бидејќи е потопло од воздухот, облаците се формираат и се судираат со планините, воздухот се лади, а влагата се претвора во снег. Снегот тука може да паѓа со денови без престан.
Покрај тоа, Јапонија го држи и светскиот рекорд за најголема длабочина на снегот. На планината Ибуки во февруари 1927 година паднале огромни 11,82 метри снег – рекорд кој не е соборен речиси сто години.






