Студијата објавена во списанието Нутриенти покажува дека ова овошје може да го намали крвниот притисок и воспалителните процеси, што го забавува стареењето и го намалува ризикот од проблеми со срцето.
Научниците истакнаа дека екстрактот од калинка може да биде едноставно и достапно решение за здраво стареење.
„Забележавме намалување на воспалителните маркери и крвниот притисок кај испитаниците, што е особено важно за луѓето постари од 55 години“, велат истражувачите.
Во истражувањето учествувале 86 здрави луѓе со различни нивоа на воспалителни маркери и фактори на ризик за срцеви заболувања, како покачен холестерол или крвен притисок.
Учесниците беа поделени во две групи: едната примаше плацебо, додека другата земаше две капсули екстракт од калинка дневно, што изнесуваше околу 740 милиграми дневно.
По 12 недели, 76 учесници ја завршија студијата. Оние кои земале екстракт од калинка доживеале значително намалување на крвниот притисок, во просек од 3 до 5,2 милиметри на живиниот столб (mm Hg).
Иако тоа можеби не изгледа како голема промена, експертите забележуваат дека намалувањето на крвниот притисок за 5 mm Hg може да го намали ризикот од сериозни срцеви настани за дури 10 отсто.
Калинката е богата со полифеноли, соединенија познати по нивните антиоксидантни и антиинфламаторни својства. Овие соединенија ги штитат клетките од оштетување предизвикано од секојдневниот стрес, а со тоа го забавуваат процесот на стареење.
Освен тоа, калинката е еколошки плод бидејќи растението бара малку вода и се прилагодува на различни типови почви.
Иако резултатите се ветувачки, научниците предупредуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се потврди врската помеѓу екстрактот од калинка и здравјето на срцето, особено поради ограничениот број учесници во ова истражување.
Сепак, овие наоди сугерираат можност за воведување нови препораки за постарите лица со висок крвен притисок, вклучувајќи промени во животниот стил.