Методите за „затемнување“ ќе вклучуваат прскање аеросоли високо во стратосферата за да се одврати дел од сончевата енергија од Земјата. Претходните студии покажаа дека тоа би можело малку да ја излади планетата на евтин начин.
Друг метод што се разгледува е „избелување“ на облаците за да ја рефлектираат светлината.
Сепак, некои експерти предупредија на можни последици, вклучително и потенцијално нарушување на временските услови.
Експериментот ќе биде финансиран од Агенцијата за напредни истражувања (Арија), а за него се издвоени речиси 60 милиони евра.
Професорот Марк Симс, програмски директор на Арија, рече дека истражувањето ќе вклучува „мали, контролирани експерименти на отворено за секој пристап“.
„Едно од нештата што ни недостасуваат во истражувањата се реални, физички докази од реалниот живот. Моделите не можат да ни го дадат тоа“, вели Симс.
Тој нагласува дека сè што ќе преземат ќе биде целосно безбедно.
„Воведовме силни безбедносни протоколи и временски ограничувања. Исто така, нема да финансираме никакво ослободување на токсични материи во животната средина“, додаде Симс.
Експертите се надеваат дека, доколку се покажат успешни, методите би можеле да бидат имплементирани на пошироки размери во следните 10 години.