Авторите на новата студија истакнуваат дека силните бури и струи можат да предизвикаат брза ерозија на камените конструкции, што доведува до трајно губење на вредни археолошки информации.
Истражувањето, објавено во списанието „Зборник на трудови на Националната академија на науките“ (ПНАС), претставува прв квантитативен широк преглед на ризиците на кои се изложени наоѓалиштата на морското дно, објави Ал џезира.
Морињата и морското дно низ целиот свет чуваат илјадници археолошки локалитети, вклучувајќи потонати градови, камени статуи и бродски остатоци од различни историски периоди.
Овие наоѓалишта претставуваат значаен извор за проучување на поморството, трговијата и начинот на живот на древните цивилизации, но често се тешко достапни и затоа потешки за заштита.
Водечкиот автор на студијата, Луиџи Џерминарио од Универзитетот во Падова, објасни за Ал џезира дека силните морски бури генерираат силни подводни струи кои поместуваат големи количини песок и седимент, кои делуваат како шмиргла, постепено трошејќи ја површината на карпата.
Тимот експериментално ги симулираше овие процеси, користејќи четири вида камен, мермер, травертин, густ и порозен варовник, и ги изложи на различни брзини на водни струи со седимент. Следејќи ги промените со помош на 3Д технологија, истражувачите откриле дека дури и една силна бура може трајно да ја промени површината на каменот и да уништи ситни украси и релјефи од големо значење за археолозите.
Резултатите исто така покажуваат дека поголемата брзина на струите или погрубите честички песок ја забрзуваат ерозијата, додека климатските промени, преку засилени и почести бури, можат дополнително да ги загрозат подводните наоѓалишта во тропските и полузатворените мориња во наредните децении.






