Истражувањето дополнително го продлабочува разбирањето за тоа како факторите на животната средина влијаат врз здравјето на мозокот, особено кај постарите возрасни лица.
Алцхајмеровата болест, како прогресивно дегенеративно нарушување на мозокот, најчесто се јавува во средна и постара возраст. Се карактеризира со постепено и неповратно губење на меморијата, нарушувања на говорот, дезориентација во времето и просторот, а во напредни фази, целосно губење на способноста за самостоен живот. Се проценува дека околу 57 милиони луѓе ширум светот живеат со оваа болест, а таа сочинува помеѓу 60 и 70 проценти од сите случаи на деменција.
Иако загадувањето на воздухот, мозочниот удар, високиот крвен притисок и депресијата претходно беа препознавани како фактори на ризик, досега не беше јасно дали загадувањето на воздухот делува индиректно – преку други хронични состојби – или директно го оштетува мозочното ткиво.
Американските истражувачи анализирале податоци од речиси 27,8 милиони корисници на Медикер над 65 години помеѓу 2000 и 2018 година. Фокусот бил ставен на долготрајната изложеност на фини ПМ 2,5 честички и зачестеноста на дијагнози на Алцхајмерова болест, со контрола на други хронични заболувања.
Резултатите покажаа јасна поврзаност: поголемата изложеност на ПМ 2,5 честички значи поголем ризик од развој на Алцхајмерова болест. Врската беше поизразена кај луѓе кои претходно претрпеле мозочен удар, додека хипертензијата и депресијата не го зголемија значително негативниот ефект од загадувањето. Ова укажува дека загадувањето на воздухот првенствено влијае директно на мозокот, а не исклучиво индиректно преку други болести.
Честички ПМ 2,5 се микроскопски, со пречник помал од 2,5 микрометри, и настануваат при согорување на фосилни горива, во сообраќајот, индустријата и за време на греење. Поради својата големина можат да поминат низ белите дробови во крвотокот, а потоа потенцијално да стигнат и до мозокот. Долготрајното изложување се поврзува со зголемен ризик од срцеви и мозочни удари, хронични белодробни заболувања, рак на белите дробови, но и со пад на когнитивните способности и намалување на волуменот на мозокот.
Проблемот со загадувањето на воздухот е особено изразен во земјите од регионот во текот на зимските месеци, кога термоцентралите на јаглен работат со полн капацитет, а домаќинствата користат застарени системи за греење. Последиците не се само еколошки, туку и сериозен проблем за јавното здравје.
Новата анализа дополнително потврдува дека подобрувањето на квалитетот на воздухот не е само прашање на заштита на животната средина, туку и клучна стратегија за зачувување на когнитивното здравје, особено кај постарата популација. Намалувањето на изложеноста на фини честички би можело да придонесе и за намалување на зачестеноста на деменција, вклучително и Алцхајмерова болест, на долг рок.






