Научници од рускиот Приморски крај откриле супстанца во морска бактерија која влијае на распаѓањето на клетките на рак во крвта, а притоа речиси и да не предизвикува штета на здравите клетки.
„Соединение кое се наоѓа во мембраната на бактеријата Кобетија марина (Cobetia marina) активира „програм за самоуништување“ кај клетките на акутна промиелоцитна леукемија, а воедно ги зачувува нормалните крвни клетки“, истакнуваат истражувачите од институт за биоорганска хемија, филијала на Руската академија на науките.
Супстанцата делува на два начина: активира специјални „рецептори на смртта“ на површината на клетките на ракот и истовремено го нарушува функционирањето на нивните енергетски клетки, митохондриите, предизвикувајќи клетките на туморот да престанат да се делат и на крајот да умрат.
Клучниот елемент одговорен за антиканцерогениот ефект се покажа како посебни сулфатни групи во молекулата: кога тие беа отстранети, способноста на супстанцијата да ги уништува туморските клетки исчезна.
Институтот нагласува дека ова е сè уште лабораториски експеримент врз клетки, а готовиот лек базиран на ова соединение сè уште е далеку.
Останува да се види дали откриениот механизам делува на други видови рак и колку е супстанцата безбедна во студии на животни.
Овој труд е дел од пошироко истражување во кое морските микроорганизми се гледаат како ветувачки извор на нови соединенија за идно лекување на ракот, пренесува Аргументи и факти.






