петок, 12 декември 2025

Во Италија откриена етрурска гробница стара 2.600 години

Во централна Италија, археолозите открија ретка недопрена етрурска гробница стара околу 2.600 години, објавија научниците собрани околу Меѓународниот археолошки проект Сан Џулијано (СГАРП).

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Гробницата, издлабена во камен во форма на мала куќа, е пронајдена во поранешниот етрурски град Сан Џулијано, околу 70 километри северозападно од Рим, пренесува порталот Лајв сајнс.

Откриени се посмртните останки на четири лица поставени на камени кревети, опкружени со повеќе од 100 артефакти, вклучувајќи керамика, оружје, бронзени украси и сребрени додатоци за коса.

Според тимот на SGARP, ова е првото современо археолошко ископување на целосно зачувана етрурска гробница во овој дел од Италија. Досегашните ископувања во регионот открија повеќе од 600 етрурски гробници, но сите претходно биле делумно или целосно ограбени.

„Оваа целосно запечатена гробница претставува исклучително ретко откритие во етрурската археологија. Таа дава единствена можност да се проучат верувањата и погребните обичаи на оваа предримска цивилизација со користење на современи методи“, изјави археологот Дејвид Зори од Универзитетот Бејлор во Тексас.

Етрурската цивилизација, која ѝ претходела на Римската Република, го достигнала својот врв во текот на 6 век п.н.е. и постепено била асимилирана во Римското Царство во 1 век п.н.е.

Прелиминарната анализа на предметите од гробницата сугерира дека погребаните лица би можеле да бидат два машки и женски пара, но понатамошни заклучоци чекаат антрополошки, изотопски и генетски студии на остатоците.

Тимот на СГАРП ги заврши ископувањата на терен, следниот чекор е детална анализа на материјалите и артефактите. Научниците истакнуваат дека ова откритие би можело значително да придонесе за разбирањето на етрурската култура и нејзиното место во историјата на Апенинскиот Полуостров, наведува порталот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ