Според најновото истражување објавено во угледното списание „Нејчр медисин“, Данска е земјата каде што луѓето стареат најбавно. Научниците утврдиле дека токму таа земја има најповолни услови за забавено биолошко стареење – благодарение на поздравата животна средина, социјалните околности и политичката стабилност.
Студијата анализирала повеќе од 160.000 луѓе од 40 земји за да спореди како различните фактори низ целиот свет влијаат врз процесот на стареење, пренесува Сајенс Фокус.
Научниците ја користеле таканаречената биобихеЈвиорална возрасна разлика – алатка базирана на вештачка интелигенција која ја проценува разликата помеѓу нечија реална (хронолошка) возраст и предвидената биолошка возраст, врз основа на околината и ризиците на кои е изложено лицето. На пример, ако имате 50 години, а моделот проценува дека имате 55, вашата биолошка-предвидлива разлика е 5 години – што укажува на забрзано стареење.
На четирите анализирани континенти – Африка, Азија, Европа и Јужна Америка – се покажа дека Европејците стареат најздраво. Спротивно на тоа, забрзаното стареење е почесто во земјите со пониски приходи.
„Оваа студија е важна бидејќи го редефинира стареењето – тоа не е само биолошки или животен процес, туку е длабоко поврзано со пошироките општествени и политички услови. Каде и како живеете може значително да го забрза или забави стареењето“, изјави д-р Мортен Шајбе-Кнусен, експерт за стареење на Универзитетот во Копенхаген, кој не беше директно вклучен во истражувањето.
Најбрзо стареење е забележано во Египет – каде што луѓето се во просек 4,75 години биолошки постари од нивната вистинска возраст. Следат Јужноафриканската Република и земјите од Јужна Америка. Во Европа, побрзо стареење е забележано во источните и јужните региони.
Од друга страна, најбавно стареење е забележано во Данска – каде луѓето се биолошки помлади во просек за 2,35 години. Потоа следат Холандија и Финска.
Истражувачите откриле дека физичките фактори како што се квалитетот на воздухот, но и социјалните фактори – вклучувајќи ја родовата еднаквост и социо-економскиот статус – играат клучна улога.
Интересно е и тоа што политичките фактори одиграа важна улога – како што се слободните избори, постоењето на демократски институции, политичките слободи и општото чувство дека политичарите дејствуваат во интерес на граѓаните.
„Зошто политиката има толку големо влијание врз стапката на стареење останува голема мистерија. Можно е хроничниот стрес предизвикан од несигурноста и здравствените нееднаквости да игра клучна улога“, вели д-р Шајбе-Кнусен.
Студијата, исто така, покажа дека луѓето кои стареат побрзо имаат осум пати поголема веројатност да имаат потешкотии во извршувањето на секојдневните активности и четири пати поголема веројатност да доживеат пад на когнитивните способности.
Сепак, научниците нагласуваат дека овие врски се асоцијативни, а не причинско-последични. Без разлика, резултатите укажуваат на важноста од инвестирање во здравствена еднаквост на глобално ниво.
„Изненадувачки, негативните фактори имаа посилно влијание од заштитните, а луѓето од посиромашните земји покажаа значително побрзо стареење без оглед на нивниот општествен статус“, заклучува Шајбе-Кнусен.
„Ова е уште еден силен аргумент за инвестирање во универзални системи како што се образованието и здравствената заштита – како клуч за поздрава популација.“






