Откритието предизвика загриженост за потенцијалната закана што ја претставува за областа еден од најинвазивните видови во светот.
Во австралиската држава Квинсленд, гнездо на огнени мравки, кои се сметаат за еден од најинвазивните видови, е откриено на шумска чистина во Националниот парк Ламингтон, на Голд Коуст, објави Индипендент.
Гнездото било уништено веднаш по неговото откривање, соопшти Австралискиот совет за инвазивни видови.
„Огнените мравки се една од најлошите инвазивни закани за нашиот див свет и ако не ги елиминираме во југоисточен Квинсленд, тие ќе се прошират низ поголемиот дел од државата“, рече извршниот директор на советот, Рис Пјанта.
Националниот парк Ламингтон е познат по својата уникатна разновидност и еколошка историја што се протега сè до праисторискиот континент Гондвана.
„Наоѓањето гнездо во една од најстарите и најубавите дождовни шуми во светот е загрижувачко“, рече Пјанта.
„Ваквите места треба да бидат подалеку од дофат на инвазивни видови.“
Бидејќи огнените мравки обично не се наоѓаат во дождовните шуми, најновото откритие ја истакнува прилагодливоста на инвазивните видови.
Доколку мравките се прошират низ целата земја, истражувачите проценуваат дека тие би можеле да предизвикаат економска штета од 2 милијарди долари (околу 1,7 милијарди евра) годишно. Тие исто така би можеле да му наштетат на дивиот свет, да го намалат земјоделското производство до 40 проценти и да предизвикаат повеќе од 100.000 дополнителни здравствени посети годишно.
Огнените мравки потекнуваат од Јужна Америка и за прв пат се забележани во Австралија во 2001 година, кога, наводно, пристигнале таму со товар од САД.
Мравите можат да преживеат и во тешки услови и да се шират на големи растојанија.
Студија од 2021 година процени дека во следните десет години за спречување на инвазијата на огнените мравки во Австралија би биле потребни до 300 милиони долари годишно (околу 259 милиони евра). Во спротивно, државата би можела долгорочно да се соочи со најмалку 2 милијарди долари годишни трошоци кои би ги предизвикале мравките.
Пјанта, исто така, изрази благодарност за брзиот одговор на откривањето на мравките во Ламингтон. Тој додаде дека бирократските одложувања во финансирањето на следната фаза од отстранувањето на огнените мравки не смеат да ја загрозат можноста за брзо дејствување, во спротивно други важни области би можеле да бидат засегнати во иднина.






