понеделник, 15 декември 2025

Витамин што ги штити белите дробови од загадување на воздухот

Бидејќи загадувањето на воздухот станува сериозен глобален здравствен ризик, научниците бараат начини за ублажување на неговите ефекти, особено врз респираторниот систем. Фините ПМ2,5 честички од сообраќајот, пожарите и индустријата продираат длабоко во белите дробови и придонесуваат за болести. Затоа внимание привлекува неочекуван, но лесно достапен штит, витамин Ц.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Што покажа истражувањето?

Предводени од професорот Брајан Оливер од Факултетот за биолошки науки на Технолошкиот универзитет во Сиднеј и Институтот за медицински истражувања Вулкок, истражувачите испитувале дали витаминот Ц може да го ублажи воспалението на белите дробови и загубата на митохондриите предизвикана од ПМ2,5.

Овие честички, поради нивната исклучително мала величина, продираат длабоко во респираторниот систем и се поврзани со:

Астма

хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ),

белодробна фиброза,

рак на белите дробови.

Во истражувањето во кое бил користен добро воспоставен експериментален модел на глувци, истражувачите откриле дека со додавање на витамин Ц во прехраната се намалуваат штетните ефекти од изложеноста на ниски концентрации на ПМ2,5.

Клучните наоди се:

  • Намалување на оксидативниот стрес и воспалението предизвикани од ПМ2,5 честичките.
  • Заштита на митохондриите, клеточни структури кои произведуваат енергија.
  • Можна корист за лица со висок ризик за време на периоди на интензивно загадување на воздухот, како што се шумските пожари.

Професорот Брајан Оливер вели дека наодите „отвораат пат за исплатлива и реалистична стратегија за превенција на глобален проблем што влијае на стотици милиони луѓе“.

Сепак, тој нагласува дека не се препорачува неконтролирана употреба на додатоци во исхраната, бидејќи предозирањето може да има негативни ефекти и да не нуди дополнителна корист.

Според него, витаминот Ц треба да се зема по консултација со лекар.

Заклучок од истражувањето

Иако резултатите од истражувањето се охрабрувачки, потребни се понатамошни клинички истражувања за да се утврди дали витаминот Ц навистина може да биде сигурна дополнителна заштитна мерка против загадувањето на воздухот.

Со оглед на тоа што ПМ2,5 останува една од најголемите закани за глобалното здравје, достапно решение како витаминот Ц може, со правилна употреба и медицински надзор, да биде вредно средство, особено за ранливите групи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ