Асортиманот на пијалaци што ги продава „Матлис Естејт“, со седиште во Окленд, има имиња како „Pawt “ (од зборот paw – шепа), Пурно Ноар и Совињон Барк (од bark – лаење).
Компанијата ги продава своите пијалaци од мачкина трева како луксуз што го подобрува расположението на домашните миленици. Пијалaците, наменети за кучиња и мачки, не содржат ниту грозје ниту алкохол и нудат, како што велат, „совршен начин да се опуштите додека славите со вашиот крзнен член на семејството“.
Сопственикот на компанијата Џон Робертс изјави дека почнал да прави вино за домашни миленици откако бил инспириран од слични производи во странство, како пиво за кучиња. „Добро е во стресни ситуации“, објасни тој.
Тој додаде дека ветеринарно-фармацевтската компанија на неговото семејство му обезбедила експертиза што му овозможила да започне со производство на корисни производи за домашни миленици. Робертс за Франс прес изјави дека пораснал со кучиња и мачки и се сеќава колку се плашеле за време на огномет.
„Едноставно немаше никаква хранлива, холистичка опција за домашните миленици во тие ситуации“, рече тој. „Мислевме дека можеме да направиме повеќе отколку само да им нудиме обични закуски.“
Виното брзо се стекна со база на клиенти во Нов Зеланд и Австралија, компанијата се надева дека ќе се прошири на азискиот и северноамериканскиот пазар.
„Не сум сигурен дека интересот ќе беше ист доколку ги продававме овие пијалаци како посластици за домашни миленици“, изјави Робертс.
Тој се надева дека ќе може да го понуди производот на саеми за домашни миленици, па дури и на конференции за вино во иднина.
Сепак, компанијата се соочила со проблем при обид за извоз на таканареченото вино, бидејќи властите претпоставувале дека содржи алкохол.
„Некои царински службеници првично се обидуваат да ни наплатат данок за увоз или извоз на вино сè додека не сфатат дека пијалакот е безалкохолен. Досега немавме проблеми“, рече Робертс.






