Иако долгорочните здрави навики носат најголеми придобивки, преминувањето кон поактивен начин на живот во која било фаза од зрелоста може да го продолжи животот, што укажува дека никогаш не е предоцна за здравјето, велат научниците.
Генерално, физички активните луѓе имаат помала веројатност да умрат од разни болести, вклучувајќи срцеви заболувања, мозочен удар и рак.
За потребите на истражувањето, објавено на интернет во Британскиот журнал за спортска медицина, експертите анализирале 85 постоечки студии во кои биле вклучени милиони луѓе.
Утврдено е дека луѓето кои се постојано физички активни имаат околу 30 до 40 отсто помал ризик од смрт од која било причина, додека оние кои го зголемиле нивото на физичка активност, но сепак под препорачаните количини, имаат 20 до 25 отсто помал ризик.
Значајно е и тоа што луѓето кои преминале од физички неактивна состојба во активна, имале 22 отсто помала веројатност да умрат од која било причина во споредба со оние кои останале неактивни.
Тимот експерти, вклучувајќи истражувачи од Универзитетот во Квинсленд во Австралија, напиша: „Неколку механизми можат да го објаснат намалениот ризик од смртност кај лица кои се занимаваат со високо ниво на физичка активност, како што се подобрена физичка функција и антиинфламаторни ефекти“.
Тие додадоа дека нивните резултати „ја истакнуваат важноста на физичката активност во зрелоста, сугерирајќи дека започнувањето физичка активност во кој било момент од возрасниот живот може да донесе придобивки за долговечноста“.
Светската здравствена организација препорачува возрасните да се вклучуваат во 150 до 300 минути физичка активност со умерен интензитет неделно или 75 до 150 минути активност со силен интензитет – или комбинација од двете.
Примери за умерена активност вклучуваат брзо одење, интензивно чистење како што се миење прозорци или триење подови, возење велосипед со брзина од 16 до 20 км/ч или играње бадминтон.
Активностите со поголем интензитет вклучуваат планинарење, трчање со брзина од 10 км/ч или поголема, брзо возење велосипед, играње фудбал, кошарка или тенис.