понеделник, 29 декември 2025

Вештачка интелигенција и психоза: Лекарите предупредуваат на опасна врска

Водечките психијатри сѐ повеќе се согласуваат дека користењето чет-ботови со вештачка интелигенција (ВИ) може да биде поврзано со случаи на психоза, пишува Волстрит џурнал.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Во изминатите девет месеци, истражувачите ги прегледале медицинските досиеја на повеќе десетици пациенти кои покажале симптоми на психоза по долги разговори со вештачка интелигенција.

„Технологијата можеби сама по себе не води до нереално согледување на стварноста, но луѓето кои му се обраќаат на компјутерот и му зборуваат за својот живот – тоа е нивна реалност, а компјутерот ја прифаќа како вистина и потоа ја рефлектира назад. На тој начин станува соучесник во создавањето на таа заблуда“, изјави Кит Саката, психијатар од Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско.

Психијатарот Саката лекувал 12 хоспитализирани пациенти со психоза предизвикана од вештачка интелигенција, како и уште три случаи во дневна болница.

Во последните месеци се појавиле десетици потенцијални случаи на луѓе кои страдаат од психоза, и тоа откако воделе долги разговори со чет-ботови на компанијата ОпенАИ и ЧетГПТ, како и со други чет-ботови.

Како што пренесува Волстрит џурнал, неколку лица по тоа извршиле самоубиство, а се случило и најмалку едно убиство.

„Продолжуваме да ја унапредуваме обуката на ЧетГПТ за да препознава и соодветно да реагира на знаци на ментален или емоционален стрес, да ја смирува тензијата за време на разговорот и да ги насочува луѓето да побараат поддршка во реалниот свет“, изјави портпаролка на ОпенАИ.

Други производители на чет-ботови, вклучително и компанијата Карактер.АИ, се согласија дека нивните производи можат да придонесат за појава на проблеми со менталното здравје.

Иако кај поголемиот дел од луѓето кои користат чет-ботови не се јавуваат ментални проблеми, масовната употреба на вештачката интелигенција е доволна причина за загриженост кај лекарите.

Технологијата низ својата историја често била во фокусот на човечките заблуди – на пример, во минатото луѓето биле убедени дека телевизорите им зборуваат и дека им се обраќаат токму ним. Лекарите истакнуваат дека неодамнешните случаи поврзани со вештачката интелигенција се поинакви, бидејќи чет-ботовите учествуваат во создавањето на заблуди и понекогаш ги потенцираат или ги прикажуваат работите подраматично.

„Тие симулираат човечки односи – ништо слично досега не е забележано во човечката историја“, изјави професорот по психијатрија на Универзитетот на Калифорнија во Ирвајн, Адријан Преда.

Психијатрите предупредуваат дека не може да се тврди дека чет-ботовите нужно и секогаш предизвикуваат психоза, но укажуваат дека сѐ повеќе се приближуваат до воспоставување директна врска.

Стручњаците се надеваат дека со понатамошни истражувања ќе се утврди дали вештачката интелигенција навистина може да биде основен поттикнувач на проблеми со менталното здравје, наведува американскиот весник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ