среда, 24 декември 2025

Велика Британија сака да го смени Дедо Мраз: Премногу е бел

Музејот Брајтон и Хоув во истоимениот британски град предизвика јавни реакции откако објави блог по повод божиќните празници во кој го опишаа Дедо Мраз како „премногу бел, западно центриран и патријархален“.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Во текстот, Дејли мејл наведува дека традиционалната приказна за Дедо Мраз, кој го оценува однесувањето на децата делејќи ги на „добри“ и „лоши“ деца, промовира „западни бинарни вредности“ и ги зајакнува штетните поими за западната моќ, авторитет и културна супериорност.

„Приказната за белиот Дедо Мраз од Запад кој го проценува однесувањето на децата ширум светот е сериозно проблематична“, се наведува во објавата, прашувајќи кој му го дал правото на Дедо Мраз да биде „врховен судија за однесувањето на децата во сите заедници“.

Авторите на текстот тврдат дека таквата нарација имплицира „колонијални претпоставки за културна супериорност“, особено во контекст на деца од домородните заедници кои ги следат своите културни обичаи.

Во блогот на родителите им се препорачува да „го доведат во прашање колонијалниот поглед“ и да се откажат од идејата за наградување на децата врз основа на западната поделба на „добро“ и „лошо“.

Исто така, се предлага Дедо Мраз да се прикаже како рамноправен работник во фабрика за играчки, заедно со џуџињата, за да се испрати порака против патријархатот.

„Патријархат и колонијализам одат рака под рака. Важно е да им се покаже на следните генерации дека мажите не мора секогаш да бидат главни“, се наведува во текстот.

Заклучокот e дека целта е да се напушти „колонијалниот наратив за доминација“ и да се промовира приказна што нагласува културна разновидност, размена и меѓусебно почитување.

Портпаролот на музејот се обиде да ја смири полемиката, истакнувајќи дека блогот е објавен во 2023 година како дел од програмата за „културна промена“ и дека јавноста има право да се согласи или да не се согласи со изразените ставови.

„Нашата улога како музејски едукатори не е да им кажуваме на луѓето што е правилно, а што погрешно, туку да го охрабриме согледувањето на историјата и културата од повеќе агли и да отвориме простор за дискусија“, се вели во соопштението на музејот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ