Иако постојат бројни лекови што им помагаат на лицата со срцеви тегоби, стручњаците истакнуваат дека, доколку не постои вродена или генетска склоност кон кардиоваскуларни заболувања, многу нешта можат да се направат и преку секојдневните животни навики. Според нив, здравите навики можат да играат клучна улога во намалувањето на ризикот. Ова се некои од најважните.
Доволно сон
Сонот е исклучително важен за целокупното здравје и влијае на бројни телесни процеси, вклучувајќи го и здравјето на срцето. Долготрајниот недостаток на сон или честите непроспиени ноќи не предизвикуваат само замор и лошо расположение, туку можат да го зголемат и ризикот од срцеви заболувања.
Експертите од Американската асоцијација за срце наведуваат дека „на повеќето возрасни им се потребни седум до девет часа сон секоја ноќ“, додека на децата им е потребно повеќе, во зависност од нивната возраст. Тие исто така истакнуваат дека квалитетниот сон го поттикнува закрепнувањето, ја подобрува функцијата на мозокот и го намалува ризикот од хронични заболувања.
Позитивни социјални интеракции
Недостатокот на социјална интеракција може негативно да влијае на здравјето, вклучително и на здравјето на срцето. Одржувањето блиски и позитивни односи со другите може да го намали ризикот од кардиоваскуларни заболувања, според истражувањето спроведено од Ачамеџе Бирхану Тешале, докторанд на Универзитетот Монаш.
Во студијата тој навел дека „блиските пријателства кај жените, особено оние во кои се споделуваат лични теми, се поврзани со помал ризик од кардиоваскуларни заболувања“, додека мажите почесто се дружеле преку натпреварувачки активности, што исто така можело да има позитивен ефект врз здравјето на срцето.
Повеќе телесна активност
Вежбањето одамна се смета за еден од најефикасните начини за зачувување на здравјето на срцето, бидејќи го зајакнува кардиоваскуларниот систем и позитивно влијае врз целиот организам. Редовната физичка активност може значително да го намали ризикот од срцеви заболувања, особено кај лица кои се загрижени за здравјето на срцето.
„Физичката активност помага во намалувањето на стресот бидејќи го стимулира лачењето на ендорфин и други хормони што предизвикуваат добро чувство“, вели семејниот лекар Евелин Дариус, додавајќи дека редовното вежбање го подобрува здравјето на срцето, когнитивната функција и помага во одржувањето на здрава телесна тежина.






