Ако вашите родители или баби и дедовци имале некоја болест, поголема е веројатноста и вие да ја развиете, пренесува Индекс.
Тоa, секако, не значи дека болеста е неизбежна, но укажува на зголемен ризик. Лекарката Клер Грејнџер издвои три чести состојби на кои значително влијае генетиката.
Дијабетес
Постојат два типа дијабетес. Додека дијабетес тип 1 е автоимуна болест, тип 2 се поврзува со начинот на живот, но и со генетиката.
„Дијабетесот тип 2 е една од најчестите состојби со наследна компонента. Иако фактори како што се исхраната, телесната тежина и активноста играат значајна улога, генетиката може да ја зголеми подложноста на болеста“, објасни д-р Грејнџер.
Потоа додаде: „Тоа не значи дека болеста е неизбежна, но сугерира дека треба да бидете проактивни: да одите на редовни лекарски прегледи, да одржувате здрава тежина и да ги следите симптомите како што се зголемена жед, замор или често мокрење.“
Астма
Астма е честа состојба која ги зафаќа дишните патишта, предизвикувајќи стегање во градите, кашлање и отежнато дишење, а сериозноста на симптомите може да варира од блага до многу тешка.
„Астмата е уште една состојба која често се јавува во семејства. Истражувањата покажуваат дека децата имаат поголема веројатност да развијат астма ако едниот или двајцата родители ја имаат. Астмата има силна генетска компонента“, рече д-р Грејнџер.
Генетиката не влијае само на астмата. „Ако вашите родители имаат астма, поленска треска или егзема, можеби сте посклони кон развој на респираторни или алергиски заболувања. Раната дијагноза и соодветниот план за лекување можат значително да го подобрат квалитетот на вашиот живот“, објасни лекарката.
Акни
Иако често се мисли дека акните се проблем исклучиво на тинејџерската возраст, тие можат да продолжат и во возрасното доба. На нивната појава влијаат исхраната и начинот на живот, но и генетиката.
„Акните често се сметаат само за минлива фаза од адолесценцијата, но генетиката може да игра значајна улога во тоа кој ќе ги развие и колку ќе биде сериозна состојбата“, вели д-р Грејнџер.
Многумина не знаат дека акните може да се наследат. Ако вашите родители имале акни или се бореле со нив во зрелоста, поголема е веројатноста и вие да имате.
„Генетиката може да влијае на сè, од производството на себум до тоа како кожата реагира на бактерии и воспаленија“, заклучи таа.






