По тетовирањето, честичките од бојата не само што остануваат во кожата, туку брзо се шират низ лимфниот систем и се таложат во лимфните јазли, клучни места за функционирање на имунолошкиот одговор, каде што можат да останат со години.
Иако и претходно постоеле сомнежи околу хемиската безбедност на мастилата за тетоважи, нивните долгорочни ефекти врз имунитетот биле слабо истражени. Оваа студија, објавена во угледното американско научно списание ПНАС, имала за цел да ја пополни таа празнина.
Еден од авторите на истражувањето, чешкиот научник Мартин Палуш, објасни дека биле анализирани црни, црвени и зелени мастила кои се одобрени за употреба на европскиот пазар.
„Во рок од неколку часа, бојата стигнува до лимфните јазли, каде што доаѓа во контакт со имунолошките клетки – макрофаги. За жал, овие клетки не можат да го обработуваат мастилото на ист начин како вирусите или бактериите“, изјави Палуш.
Според неговите зборови, тоа доведува до оштетување и изумирање на имуните клетки, особено кај црните и црвените пигменти. Тетовирањето, како што наведува, предизвикува двостепена воспалителна реакција – акутна фаза која трае околу два дена и хронична фаза во која имуните клетки не се во состојба да го разградуваат мастилото, што може да има долгорочни последици врз одбранбениот систем на организмот.
Истражувачите предупредуваат дека хроничното воспаление предизвикано од тетовирањето може да биде поврзано со развој на други здравствени проблеми, вклучувајќи карцином, автоимуни болести или текот на различни инфекции.
Во рамки на истражувањето, имуните клетки изолирани од примероци на човечка крв биле изложени на пигменти за тетоважи во лабораториски услови, а потоа и на вакцини, со цел да се испита дали тетоважите влијаат врз имунолошкиот одговор.
„Прашањето особено се наметна за време на пандемијата на ковид-19: дали вакцината аплицирана во тетовирана рака е подеднакво ефикасна. Кај тетовирани глувци беше забележано пониско создавање антитела по вакцинацијата, а сличен послаб одговор беше потврден и кај човечки имуни клетки изложени на пигменти“, наведе Палуш.
Авторите истакнуваат дека се потребни дополнителни истражувања, но дека оваа студија, во која учествувале 12 меѓународни истражувачки тимови, укажува на потребата од подетално испитување на безбедноста на мастилата за тетоважи и нивните долгорочни ефекти врз организмот, имајќи предвид дека тие се значително послабо регулирани во споредба со лековите и другите медицински производи.






