Како член на Академијата и гласач, Тамара Котевска беше единствениот претставник на документарни филмови меѓу 30-та избрани и поканети холивудски гласачи на ВИП ручекот и дискусија со холивудските актери од филмот на Пол Томас Андерсон кој годинава е во трката за оскари и има најмногу номинации за Златен Глобус. Настанот почна со дискусија на актерите Леонардо Ди Каприо, Беницио Дел Торо, Тијана Тејлор, Чејс Инфинити и Регина Хал кои од прва рака ги раскажуваа своите приватни доживувања за време на снимањето. Тие од снимањето и соработката со Андерсон споделија хумористични детали пред одбраната публика која се состоеше од познати актери и режисери.
Тамара Котевска сподели дека лично поразговарала со Леонардо кој многу добро се сеќавал на „Медена земја“.

Тој е силен поборник на документарци за екологија и природа, а оваа година како продуцент преку Di Caprio Fondation повторно има свој кандидат кој е во трката за оскари, а чиј режисер е австриецот Ричард Ладкани, инаку заеднички пријател на Котевска и Ди Каприо. Ди Каприо во разговорот со Котевска пројавил желба да го гледа „Приказната за Силјан”, нејзиниот документарец.
Котевска имаше можност да поразговара и со Бенисио Дел Торо и со Тијана Тејлор.
„Да се градат односи и пријателства низ годините со холивудските ѕвезди кои ми биле најголемо влијание како дете да се посветам на филмската магија е како некаков чуден сон кој отсекогаш се чинел недостижен. Но кога си таму со нив во истата малечка просторијата, делиш оброк заедно и гледаш колку се тоа обични луѓе кои минуваат низ истите трауми, искушенија, несигурности и притисоци со секој нов филм како и сите ние останатите филмаџии на планетава, тоа е едно посебно чувство кое ги урива сите предрасуди и бариери дека нешто е невозможно да се достигне“, изјави Котевска.






