вторник, 31 март 2026

Таинствена цивилизација ковала оружје од метал што пристигнал од вселената: Изненадувачко откритие во Кина (ВИДЕО)

Чудно парче метал, кое лежело скриено во земјата илјадници години, би можело да помогне во разјаснувањето на мистеријата на една древна култура од Кина.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Артефакт стар 3.000 години од локалитетот Сансингдуи во покраината Сечуан наликува на секира направена од железо – но не на какво било железо. Научниците веруваат дека металот не потекнува од Земјата, туку пристигнал од вселената во форма на метеорит.

Загатката на „жртвените јами“

Ова извонредно откритие отвора нови прашања за културата Сансингдуи, но и за употребата на железо долго пред неговата обработка да стане широко распространета.

„Како најран артефакт од железо од метеорит од бронзеното доба, пополнува клучна празнина во металуршките записи на овој регион и обезбедува сознанија за раната употреба на железото, како локално, така и глобално“, наведува тимот истражувачи.

Сансингдуи е едно од најважните археолошки локалитети во југозападна Кина, кое датира од периодот помеѓу 2800 и 600 година п.н.е. Својот врв го достигна за време на династијата Шанг (околу 1600-1050 п.н.е.), оставајќи зад себе впечатлива уметност, како и јасни докази за силна ритуална практика.

Една од најзагадочните појави на овој локалитет се „жртвените јами“, во утврдениот дел од градот. Станува збор за осум јами од кои археолозите ископале околу 17.000 исклучителни предмети – вклучувајќи бронзени маски, фигурини, предмети од слонова коска и алатки од жад.

Анализите откриле нешто исклучително

Точната намена на овие јами сè уште не е позната. Сепак, присуството на пепел, јаглен и траги од согорување на одредени предмети сугерира дека можеби биле користени за ритуални приноси.

„Без оглед на нивната намена, јамите претставуваат непроценлив извор на артефакти што ни помагаат да ги разбереме естетските и материјалните вредности што оваа култура ги негувала“, наведуваат истражувачите.

Од една таква јама дојде објект што не беше виден претходно, регистриран под шифрата K7QW-TIE-1. Беше пронајден вграден вертикално во дното на источниот ѕид на јамата. Има издолжена форма и наликува на алатка или оружје слично на секира.

Долг е околу 20 сантиметри, а широк меѓу пет и осум сантиметри. Поради лошата зачуваност, истражувачите внимателно извадиле дел од ѕидот во кој се наоѓал предметот и го пренеле во лабораторија за да го анализираат без оштетување.

Анализите откриле нешто исклучително – артефактот се состои од најмалку 90 проценти железо, со 7,41 процент никел и други елементи во траги. Таков состав би бил исклучително тешко да се постигне со технологиите за обработка на метал достапни во доцниот период на династијата Шанг.

Поинаков пристап кон редок материјал

Во бронзеното доба, кое во Кина започнало околу 2000 година п.н.е., бронзата била доминантен материјал за изработка на алат, оружје и накит. Била издржлива и релативно лесно достапна, бидејќи се добивала со топење бакар и негово мешање со калај и други метали.

Дури околу 800 година п.н.е., технологијата за топење железо од руда станува распространета, откако луѓето успеале да постигнат исклучително високи температури потребни за тој процес, пренесува Сајенс алерт.

Токму затоа употребата на железо во овој период е необична, но не и целосно непозната. Имено, на различни места ширум светот, вклучувајќи и други делови од Кина, пронајдени се ретки и вредни предмети направени од железо кое не било ископано од земјата, туку пристигнало од вселената – во вид на метеорити.

Сепак, наодот од локалитетот Сансингдуи укажува на поинаков пристап кон овој редок материјал. За разлика од предметите од централните рамнини на Кина, каде што метеоритското железо често се комбинирало со бронза, овој артефакт изгледа дека е изработен исклучиво од железо.

Значаен предизвик за научниците

Фактот дека необичниот предмет е пронајден во „жртвена јама“ отвора интригантна можност – за луѓето од ова подрачје, метеорското железо можеби не било само материјал, туку нешто многу повредно.

Можно е „металот од небото“ да имал посебно симболично или религиско значење, доволно важно за да биде дел од ритуал што вклучувал собирање вредни предмети и нивно согорување.

„Кршливата состојба на артефактот претставува значаен предизвик за неговото понатамошно зачувување и чистење“, велат научниците, додавајќи дека се потребни дополнителни студии за попрецизно да се утврди неговата класификација, како и неговата функционална и ритуална улога.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ