Сушењето алишта во слабо проветрени простории може да создаде идеални услови за раст на мувлата, што претставува потенцијален ризик по здравјето.
Мувлата, која може да се препознае по темните дамки на ѕидовите и карактеристичниот застарен мирис, најдобро успева на ладни и влажни места. Микроскопските спори што ги испушта лесно се шират низ воздухот, а долготрајната изложеност може да доведе до сериозни здравствени проблеми, пренесува Индипендент.
Бањите и влажните ѕидови се погодни за растење на мувла поради високата влажност, па затоа е неопходна соодветна вентилација за да се спречи нејзиното ширење.
Најчестите типови на мувла во домовите се пеницилиум и аспергилус, и иако здравите луѓе обично не се засегнати, луѓето со ослабен имунолошки систем се изложени на поголем ризик.
Мувлата може да ја влоши астмата, цистичната фиброза и хроничната опструктивна белодробна болест, а во екстремни случаи да предизвика воспаление и блокирање на дишните патишта.
Правилната вентилација е клучна за спречување на растот на мувлата во домот. Покрај вентилацијата, се препорачува да се користи и машина за сушење алишта за да се намали влажноста во просторијата.