Крвната група е многу важна кога станува збор за здравјето, ново истражување покажа дека лицата со специфична подгрупа на крвната група А имаат поголема веројатност да доживеат мозочен удар пред 60-тата година, пренесува Сајенс алерт.
Ова откритие, објавено во научен труд од 2022 година, го продлабочува разбирањето за тоа како уникатниот биолошки состав на телото може да влијае на здравјето.
„Ова значајно и изненадувачко истражување го проширува нашето знаење за непроменливите фактори на ризик за мозочен удар – вклучувајќи ја и крвната група на лицето“, изјави д-р Марк Гладвин, лекар-истражувач на Универзитетот во Мериленд, кога беше објавена студијата.
Како крвната група влијае на ризикот
Веројатно сте слушнале за крвните групи А, Б, АБ и О, кои се однесуваат на различни хемиски маркери, познати како антигени, на површината на црвените крвни зрнца. Дури и во рамките на овие главни групи, постојат суптилни варијации предизвикани од генетски мутации.
Истражувачите анализирале податоци од 48 генетски студии, вклучувајќи околу 17.000 пациенти кои претрпеле мозочен удар и речиси 600.000 контролни испитаници без мозочен удар, на возраст од 18 до 59 години.
Нивните резултати покажале јасна поврзаност помеѓу генот одговорен за подгрупата A1 и раниот мозочен удар.
„Бројот на луѓе кои доживуваат мозочен удар во рана фаза се зголемува“, рече водечкиот автор на студијата, васкуларниот невролог д-р Стивен Китнер од Универзитетот во Мериленд, додавајќи дека „овие лица се изложени на поголем ризик од смрт, а преживеаните можат да живеат со последиците со децении“. И покрај ова, има малку истражувања за причините за раните мозочни удари.
Геномската анализа идентификува две места во генетскиот материјал кои се силно поврзани со поголем ризик од мозочен удар, од кои едното се совпаѓа со локацијата на генот за крвните групи.
Подетална анализа покажа дека луѓето чиј геном носи варијација на крвна група А имаат 16 проценти поголем ризик од мозочен удар пред 60-годишна возраст во споредба со луѓето со други крвни групи. За носителите на генот за крвната група О1, ризикот бил 12 проценти помал.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека дополнителниот ризик кај лицата со крвна група А е мал, и дека нема потреба од дополнителна внимателност или посебен скрининг во оваа група.
„Сè уште не знаеме точно зошто крвната група А носи поголем ризик“, изјави д-р Китнер.
Како што наведува, „веројатно е поврзано со фактори на коагулација на крвта, како што се тромбоцитите и клетките што ги обложуваат крвните садови, како и други протеини во циркулацијата, кои сите играат улога во формирањето на згрутчување на крвта“.
Што значи ова во пракса?
Иако резултатите може да звучат алармантно, важно е да се стават во контекст: Секоја година во САД, околу 800.000 луѓе доживуваат мозочен удар, од кои три четвртини се над 65 години, при што ризикот се дуплира на секои десет години по 55-годишна возраст.
Студијата вклучуваше учесници од Северна Америка, Европа, Јапонија, Пакистан и Австралија, при што лицата надвор од европско потекло сочинуваа 35 проценти од испитаниците. Идните истражувања со поразновиден примерок може да помогнат подобро да се разбере оваа поврзаност.






