Нова студија која ја анализирала микроструктурата на коскеното ткиво во коските на нозете на 17 фосилни примероци од тираносаурус рекс покажала дека овој диносаурус ја достигнал својата максимална големина дури на речиси 40 години, што е околу 15 години подолго од претходните проценки.
Истражувачите користеле поларизирана светлина за да идентификуваат прстени за раст во коските, слични на оние што се наоѓаат кај дрвјата, и откриле дека Т-рексот имал флексибилен модел на раст – во некои години растел бавно, додека во периоди на поволна достапност на храна растел побрзо, пренесува Ројтерс.
Холи Вудвард, палеохистолог од Центарот за здравствени науки при Државниот универзитет во Оклахома истакна дека Т-рекс поголемиот дел од животот го поминал во младешка до поодрасната големина, што му овозможило да преживее во сурови услови и да ги надмудри конкурентите за ресурси.
Претходните истражувања покажаа дека животниот век на Т-рекс бил околу 30 години, додека новата студија, според палеонтологот Џек Хорнер од Универзитетот Чепмен, проценува дека овие животни можеле да живеат помеѓу 45 и 50 години.
Студијата вклучи поголем број примероци и примени нов статистички пристап за попрецизна проценка на траекторијата на раст низ сите животни фази.
Според истражувањата, тираносаурусот достигнал должина од повеќе од 12 метри, имал масивна глава и силен загриз, одел на две силни нозе, додека рацете му биле ситни со два прста.






