Истражувањето на двајца научници од универзитетите Чунг-Анг и Јонсеи вклучуваше 110 здравствени работници поделени во две групи.
Едната група ги вклучувала оние кои работеле најмалку 52 часа секоја недела, додека другата група вклучувала вработени кои работеле стандардно работно време, пренесува Си-ен-ен.
Луѓето кои работеле прекувремено доживеале значајни промени во регионите на мозокот кои ги регулираат когнитивните и емоционалните функции, што било последица на нивното преоптоварување и замор, заклучиле истражувачите.
Коавтор на студијата, професорот Џун Јул Чои, рече дека овие промени можат барем делумно да се поправат ако се отстранат стресните фактори.
Сепак, тој додаде дека на мозокот му е потребно многу повеќе време за да се врати во првобитната состојба.
Претходна студија од 2021 година, исто така, покажа дека прекувремената работа има негативни здравствени последици, според Си-ен-ен.
Френк Пега, кој го водеше истражувањето, истакнува дека најновите резултати претставуваат значаен нов доказ што би можел да помогне подобро да се разбере како прекувремената работа драстично влијае на физичкото здравје на вработените.
„Владите, работодавачите и самите вработени можат заедно да преземат мерки за заштита на здравјето на работниците“, изјави Пега.
Авторите на најновата јужнокорејска студија истакнаа дека резултатите од нивното истражување укажуваат на важноста од решавање на проблемот со прекувремената работа, што е причина за загриженост.
„Тоа е мала студија, но бидејќи се заснова на сеопфатни невролошки мерења и се однесува на фундаменталните механизми на преоптоварување и замор, може да се однесува за сите, така што нејзините централни заклучоци се многу релевантни“, велат научниците.