Според истражувањето објавено кон крајот на 2025 година, разликата може да изнесува и до 90.000 дополнителни честички годишно, пренесува порталот Храна & Вино.
Глобалниот пазар на флаширана вода, на кој во 2021 година биле произведени 600 милијарди пластични шишиња, се проценува на 348 милијарди долари, со очекуван раст на 509 милијарди долари до 2030 година. Иако побарувачката од потрошувачите расте, новите сознанија би можеле да поттикнат преиспитување на оваа навика.
Со анализа, истражувачите утврдија дека количината на микропластика во шишињата со вода значително варира, движeјќи се од само две до дури 6.626 честички по литар, со напомена дека нанопластика може да биде присутна во уште поголем број.
Иако нагласија дека недостатокот на стандардизирани методи за тестирање го отежнува споредувањето на студиите, се проценува дека оние кои пијат исклучиво вода од чешма внесуваат околу 4.000 честички микропластика годишно.
Извори на контаминација
Како главни извори на контаминација се наведуваат грлото и капачињата на шишињата, изработени од полиетилен-терефталат (ПЕТ) и полиетилен со висока густина (ХДПЕ). Постојаното отворање и затворање на шишето, како и неговото стискање за време на пиењето, може да создаде ситни гребнатини и да го зголеми ослободувањето на пластика.
Истражувачите, исто така, потврдија дека продолженото изложување на шишињата на сончева светлина може да предизвика ослободување на микропластика.
Влијание врз здравјето
Во прегледот на литературата, научниците наведоа поврзаност на микропластиката со респираторни заболувања, репродуктивни проблеми, невротоксичност, метаболички нарушувања, влијанија врз имунолошкиот систем и зголемен ризик од одредени видови канцер.
Сепак, клучно е да се напомене дека, според нивните зборови, потребни се уште многу истражувања за да се докаже дека микропластиката директно ги предизвикува овие штетни здравствени последици.
Главната авторка на студијата, Сара Саједи, изјави: „Пиењето вода од пластични шишиња е во ред во итни случаи, но тоа не е нешто што треба да се користи во секојдневниот живот“.
Како да се намали изложеноста на микропластика
- Кога е можно и безбедно, пијте вода од чешма. Проценките покажуваат дека на тој начин се внесува значително помалку микропластика.
- Користете повеќекратни шишиња од нерѓосувачки челик или стакло, бидејќи овие материјали не испуштаат честички пластика.
- Избегнувајте стискање на пластичните шишиња за време на консумирањето. Притисокот може да создаде оштетувања кои ослободуваат микропластика.
- Ограничете го повторното отворање и затворање на пластичните шишиња, бидејќи вртењето на капачето го зголемува ослободувањето на честички.
- Чувајте ги пластичните шишиња подалеку од директна сончева светлина и топлина, кои ја забрзуваат разградбата на пластиката.






