Експериментот сугерира дека дефектите поврзани со возраста, кои предизвикуваат генетски грешки кај ембрионите, можат да се намалат со додавање на клучен протеин наречен Шугошин 1 во јајце клетките, пренесува Гардијан.
Во експериментите на јајце клетки донирани во клиника во Кембриџ, третираните клетки покажаа речиси половина од веројатноста за хромозомски дефекти во споредба со клетките што не се третирани.
Кај жените над 35 години, дефектите се намалени од 65 проценти на 44 проценти. Професорката Мелина Шух, директорка на Институтот Макс Планк и ко-основач на „Ово Лабс“, го опиша ова како „многу значајно подобрување“.
Намалениот квалитет на јајце-клетките е главната причина за пониските стапки на успех на ин витро оплодувањето и зголемениот ризик од хромозомски нарушувања кај постарите мајки.
Моментално достапните процедури, како што се повеќекратни циклуси на потпомогнато оплодување или интрацитоплазматска инјекција на сперма (ИЦСИ), не го решаваат проблемот со генетските дефекти кај јајце клетките.
Истражувачите планираат понатамошни студии и дискусии со регулаторните тела за клинички испитувања, со цел подобрување на квалитетот на јајце-клетките, а со тоа и шансите за бременост во првиот циклус на ин витро оплодување.
Гинеш Тејлор од Универзитетот во Единбург ја опиша работата како „навистина ветувачка“ и рече дека инјекцијата што го зголемува бројот на јајце-клетки со правилно организирани хромозоми би можела да обезбеди подобра почетна точка за успех на третманот со потпомогнато оплодување.






