Во студија објавена во списанието Сајанс, експерти за ветеринарна и хумана медицина истражувале можни сличности меѓу луѓето и мачките во однос на ракот.
„Иако таквите врски помеѓу кучиња и луѓе беа истакнати во претходни истражувања, практично ништо не постоеше во врска со нашите пријатели мачките“, вели Луиз ван дер Вајден, истражувач за онкогенетика во британскиот институт Велком Сангер и коавтор на студијата.
„Сепак, мачките, како и кучињата, се одлични модели за нас бидејќи се изложени на истата средина, вклучувајќи загадување и пасивно пушење, и развиваат исти болести како и ние, како што се рак и дијабетес“, рече научникот.
Врз основа на овој принцип, Луиз ван дер Вајден и нејзините колеги анализирале примероци од канцерогени тумори од околу 500 домашни мачки од пет земји, опфаќајќи 13 различни видови на рак.
Бидејќи ракот е предизвикан од генетски мутации, тимовите барале промени во ДНК-та на овие туморски клетки, слични на оние што веќе се идентификувани во човечката медицина.
Се појавија неколку сличности помеѓу двата вида, особено во однос на ракот на дојка. Кај повеќе од 50 проценти од анализираните тумори на дојка кај мачките, беше откриено дека мутира ген кој веќе е идентификуван во хуманата медицина.
Иако оваа мутација не е многу честа кај жените со рак на дојка, таа предизвикува особено агресивен вид на рак кај оние кои го имаат, нагласува истражувачот, истакнувајќи дека овие видови на рак на дојка се многу агресивни и кај мачките.
„За овој мал процент жени кои го носат, ова откритие е извонредно бидејќи би можело да го отвори патот за нови третмани“, додаде таа.
Иако спроведувањето на клинички испитувања кај луѓе е комплицирано поради многу малиот број на засегнати пациенти, мутацијата е многу честа кај мачките, па затоа целните третмани би можеле полесно да се тестираат во ветеринарните клиники.
“Лично, повеќе би сакала да земам лек тестиран на мачки отколку на глувци”, рече научничката.
Охрабрени од оваа паралела, швајцарските истражувачи спроведоа понатамошни експерименти врз овие примероци и открија дека два третмани со хемотерапија се покажаа како многу ефикасни против тумори што ја носат оваа мутација.
Иако овие резултати сè уште треба да се потврдат со понатамошни истражувања, тие би можеле да им користат и на жените и на мачките, бидејќи овие лекови веќе се одобрени за употреба кај луѓето и животните, се истакнува во студијата.
Сепак, амбицијата не е само да се помогне во истражувањето на рак кај луѓето, вели Луиз ван дер Вајден, која тврди дека овие откритија треба да се користат и за подобар третман на нашите пријатели на четири нозе, нудејќи им, на пример, целни терапии што веќе се користат кај луѓето.
Таков пристап би бил полн погодок и за животните и за луѓето, додаде таа.






