Вообичаена техника за проучување на исхраната на античките култури вклучува анализа на масни остатоци од дното на садовите. Сепак, овој метод е ограничен бидејќи генерално дава увид само во животинските остатоци.
Во новата студија, авторите комбинирале повеќе техники, вклучувајќи микроскопско испитување и хемиска анализа, за да идентификуваат растителни остатоци што ги јаделе древните европски ловци-собирачи-рибари.
Истражувачите ги испитале органските остатоци пронајдени во 58 парчиња грнчарија ископани на 13 археолошки локалитети низ северна и источна Европа, кои датираат помеѓу 6-тиот и 3-тиот милениум п.н.е.
Со овој метод се пронајдени примероци на ткиво од широк спектар растенија, вклучувајќи трева, бобинки, лисја и семиња. Во многу случаи, растителни остатоци биле пронајдени заедно со животински остатоци, најчесто риба и други морски плодови. Точните мешавини и состојки варирале од регион до регион, веројатно одразувајќи ги локално достапните ресурси, како и локалните културни обичаи.
Овие наоди ја истакнуваат важната улога на растенијата и храната базирана на вода во исхраната на раните Европејци. Резултатите, исто така, ја поддржуваат идејата дека овие заедници редовно ја користеле технологијата на грнчарство за подготовка на храна и дека секоја култура имала свои сложени кулинарски традиции. Студијата, исто така, покажува дека комбинирањето на повеќе аналитички техники може да даде детални сознанија што традиционалните методи ги занемаруваат, особено кога станува збор за растенијата што ги јаделе древните луѓе.
„Додека конвенционалната хемиска анализа има тенденција да ги истакне животинските компоненти на античките оброци, нашиот комбиниран микроскопски пристап ги врати овие праисториски рецепти во фокус. Откривме дека ловците-собирачи-рибари не живееле само од риба; тие активно преработувале и консумирале широк спектар на растенија. Ова истражување истакнува дека за навистина да ги разбереме античките диети, треба подетално да ги разгледаме овие остатоци од храна – буквално!“, велат авторите на студијата.
Тие напишаа дека „видови растенија, вклучувајќи диви треви и мешунки, сочни овошја или бобинки, зеленчук и корења/кртули од растителни видови автохтони за пошироката еколошка област на проучување, беа идентификувани во вкупно 58 од 85 остатоци на храна преку микроскопска анализа“.
Како што е наведено во истражувањето, разликата во исхраната помеѓу праисториските жители на проучуваните области била неверојатна.
„На пример, Viburnum spp., црвена калинка вообичаена во поголемиот дел од Европа, речиси никогаш не се користела во Западна Европа, иако е длабоко вкоренета во источноевропските кулинарски традиции. Денес, црвената калинка се користи во низа јадења и пијалаци низ Полска, Украина и Русија, благодарение на нејзините хранливи и лековити својства. Бобинките од црвена калинка се благо токсични ако се јадат сурови, имаат горчлив вкус и испуштаат силен, остар мирис кога се готват. На локацијата Замостје 2, калинката првенствено се готвела со слатководна риба. Познато е дека народот Нива од рускиот Далечен Исток консумирал слично јадење наречено Мос – слатко желе направен од мелена сушена риба измешана со рибја кожа и разни бобинки“, се вели во студијата.






