Фосилот, наречен „Треј“, ќе биде понуден од 17 до 31 март на онлајн аукциската платформа Јупитер, основана од добитникот на Греми, уметникот и продуцент Фарел Вилијамс.
Се проценува дека фосилот би можел да се продаде за цена помеѓу 4,5 и 5,5 милиони долари.
Фосилот стар 66 милиони години, пронајден во близина на Лас Вегас, Вајоминг во 1993 година, е долг 5,3 метри, а беше изложен во 1995 година на големото отворање на Центарот за диносауруси во Термополис, Вајоминг, каде што се наоѓаше до 2023 година. Фосилот потоа бил продаден во приватна трансакција и сега се наоѓа во Сингапур, соопшти аукциската куќа.
„Треј има свој културолошки аспект што многу од фосилите што се продаваат на аукции денес едноставно го немаат“, рече палеонтологот Андре Лухан, кој соработуваше со Јупитер аукшнс за да го подготви фосилот за аукцијата.
Лухан објасни дека овој фосил од диносаурус е поврзан со луѓето и несомнено инспирирал некои деца кои го виделе во музејот да изберат кариера во палеонтологијата.
Фосилите од диносауруси, некогаш во доменот на музеите и универзитетите, стануваат сè попопуларни инвестиции – остатоците од стегосаурусот „Апекс“ беа продадени за 44,6 милиони долари на аукција во 2024 година, со што беше срушен претходниот рекорд од 31,8 милиони долари платени во 2020 година за скелетот на тираносаурус рекс именуван како „Стен“, потсетува Асошиејтед прес.
Шефицата за продажба на компанијата Јупитер, Кејтлин Донован, рече дека зголемувањето на интересот го одразува преминот од традиционалните категории како слики од стари мајстори кон предмети кои имаат „културолошки одек“.
„Диносаурусите отсекогаш ја окупирале нашата имагинација, луѓето сега почнуваат да ја гледаат вредноста на инвестирањето во нив“, рече Лухан.
Сепак, овој феномен загрижи некои палеонтолози кои веруваат дека важни примероци би можеле да исчезнат во приватни колекции, лишувајќи ги научниците од можноста за истражување.
„Доколку некој фосил заврши во приватна колекција без загарантиран траен пристап, податоците за него во суштина би биле изгубени за науката“, рече експертот Кари Роџерс.
Лухан рече дека се надева дека Треј ќе заврши во музеј по аукцијата, како што беше случајот со Апекс, кој сега е изложен во Американскиот музеј за природна историја во Њујорк, откако неговиот купувач склучи договор за долгорочен заем, дозволувајќи им на научниците да го проучуваат.






