Тоа е ритуал, разговор и, како веројатен предок на сите модерни кафиња, тоа е парче историја старо речиси 500 години, кое УНЕСКО го впиша на својата листа на нематеријално културно наследство.
Корените на кафето датираат уште подалеку. Лани Кингстон, вонреден професор на Државниот универзитет во Портланд, вели дека едно зрно кафе кое датира од 12 век било пронајдено на археолошки локалитет во Обединетите Арапски Емирати. До 1350 година во Турција, Египет и Персија се појавил прибор за послужување кафе, пишува Си-ен-ен.
Приказната за „турското“ кафе (кое на Балканот е наречено домашно) не започнува во Турција, туку во Јемен.
Во 15 век, се верува дека суфиските мистици го консумирале за да останат будни за време на долгите ноќи на молитва.
Кога султанот Сулејман (Величествениот) го освоил Јемен во 1538 година, кафето пристигнало во Отоманската империја. Во рок од една година, зрната кафе биле широко користени во Цариград – античкиот град денес познат како Истанбул.
Во 1539 година, отоманскиот адмирал Хајредин Барбароса регистрирал имот што вклучувал „кахве одаси“ или кафетерија, според Џемал Кафадар, професор на Харвард и автор на академски труд за кафето – „Колку е темна историјата на ноќта, колку е црна приказната за кафето, колку е горчлива приказната за љубовта: Променливата мерка на слободното време и задоволството во раниот модерен Истанбул.“
До 1550-тите, првите „кахвехани“ или таверни се појавија во Истанбул, забележани од историчарот Ибрахим Печеви во неговата книга „Историјата на Печеви“.
Пијалакот станал толку популарен што го трансформирал културниот живот. Отоманскиот метод на подготовка на кафе, џезве-ибрик – споделен со Грција и вкоренет во Етиопија – станал белег на традиционалното турско кафе.
Таверните предизвикаа контроверзии. Религиозните научници и политичките лидери низ Азија и Европа ги сметаа за места за субверзивни активности и празен разговор.
Гувернерот на Мека, Хаџир бег, го забранил кафето во градот во 1511 година (уредбата траела 13 години) поради загриженост дека тоа може да доведе до радикални идеи.
Отоманските султани постојано ги затворале кафетериите поради слични стравови. Но, тие никогаш целосно не исчезнале. Дури и во Англија во 17 век, Чарлс Втори се обидел да ги затвори, сомневајќи се дека „овие кафетерии биле место на антиројалистички бунтови и предавнички разговори“, вели лондонскиот туристички водич Крис Мекнил.
Турското кафе е „повеќе од само пијалок“, вели Седен Доган, вонреден професор по образование на Универзитетот во Јужна Флорида и роден во северна Турција.
Доган го нарекува „мост“ преку кој луѓето споделуваат и тага и радост.
Си-Ен-Ен опишува како се прави домашно кафе, за читателите кои пијат само модерни верзии и забележува дека вистинското „турско“ кафе мора да се служи топло и со недопрена пена, со чаша вода и парче локум. Водата го чисти непцето, додека локумот ја балансира горчината на пијалокот.
Бонтонот за кафе е подеднакво важен. Иако се служи во шолји, треба да се пие мирно и полека, а не набрзина како еспресо. Ова му дава време на талогот да се таложи и го задржува на дното од шолјата.
Кога шолјата е празна, време е за ритуалот на тасеографија, или читање од шолја кафе.






