Нивната цел е подобро да ги разберат механизмите на мозокот поврзани со анксиозните нарушувања и пост-трауматски стрес синдром (ПТСД).
Иако научниците веруваат дека речиси сите животни сонуваат, сè уште не е јасно зошто се случува ова. Професорот Патрик Дрју, кој го водеше истражувањето, вели дека „сè уште не знаеме што всушност се кошмари“. Познато е дека се јавуваат за време на РЕМ фазата на спиење, кога мозокот ги обработува емоциите и стравовите, но точниот процес не е разјаснет.
За да дојдат до одговор, истражувачите ќе го следат однесувањето и мозочната активност на глувците на кои две недели ќе им даваат лек мефлокин — некогаш користен против маларија, но повлечен поради сериозни невролошки несакани ефекти, меѓу кои се и живописни, често застрашувачки соништа.
За време на истражувањето, научниците ќе користат напредни техники за снимање на мозокот – како што се функционална магнетна резонанца (фМРИ) и следење на калциумовите сигнали во невроните – за да се обидат да откријат кои типови мозочни клетки се вклучени во создавањето соништа. Посебно внимание ќе се посвети на два региона од мозокот: префронталниот кортекс, кој ги контролира емоциите, и амигдалата, центарот за обработка на стравот.
Промените во ширењето на зениците ќе му помогнат на тимот да препознае во која фаза на сон се наоѓаат животните, бидејќи повеќето соништа се случуваат токму за време на РЕМ фазата.
Целта на истражувањето е да се создаде модел што би можел да предвиди кога поединецот може да развие анксиозност или други ментални нарушувања поврзани со нарушувања на спиењето и кошмари.
Ако успеат, научниците се надеваат дека нивните резултати би можеле да отвораат пат кон нови терапии базирани на сонот, кои би им помогнале на луѓето што страдаат од анксиозност, ПТСД и други слични состојби.






